Од 31 октомври ќе стартува нова авиолинија од Скопје до Ларнака, Кипар. Министерот за транспорт Александар Николоски, во петокот вечерта, на прославата на 15-годишниот јубилеј на ТАВ Македонија во нашата земја, најави дека го потпишал договорот за отворање на оваа, единаесетта нова линија за последните 10 месеци. Тој истакна дека субвенциите и политиките на Владата за развој на авиолиниите даваат резултати.

– Владината стратегија за привлекување нови авиокомпании кои оперираат од, и кон, Македонија значително го раздвижи авиосообраќајот и од двата аеродрома. Од октомври авиокомпанијата „Визер“ ќе почне со летови од Охрид до Базел, Швајцарија – најави Николоски.

Уникатната позиција на Базел близу до границите на три земји го прави идеална почетна точка за истражување на културната, историската и економската разновидност на Европа. Оваа најава доаѓа веднаш по успешното воведување на нови линии до Барселона, Шпанија и Лион, Франција, што дополнително ја демонстрира посветеноста на „Визер“ за зајакнување на своето присуство во регионот.

– Ни претставува огромно задоволство да ја претставиме нашата нова директна линија од Охрид до Базел – град чија стратешката позиција го прави совршена почетна точка за истражување на повеќе европски земји, а со „Визер“, сега е полесно од било кога да се поврзете со овој динамичен град – изјави Оливија Харангозо, менаџер за корпоративни комуникации во „Визер“.

Николоски најави и потенцијален влез на уште една нискобуџетна авиокомпанија „Рајанер“, со чие раководство остварил и средба во Лондон.

– Не е тајна дека имав средба лично со директорот на „Рајанер“, сакаме да ги донесеме во Македонија, за брзо време мислам дека ќе излеземе со добри вести и таму и секако Охрид е на мапата – изјави Николоски.

Летовите за Барселона и Лион веќе се активни од мај, а до крајот на септември ќе стартува и линијата Скопје – Штутгарт. Наскоро се очекуваат и нови релации кон шпанското и италијанското крајбрежје, како и нови рути кон Прага и Мадрид. Одложениот лет за Дубаи со „Флајдубаи“ е најавен повторно за есенските месеци.

Министерот Николоски најави и амбициозен план – по Атина и Белград, Скопје да стане транзитна станица за прекуокеански летови, односно да има директни летови кон Северна Америка.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ