Државните ревизори утврдиле дека во општина Липково има неевидентирани побарувања од преку 200 илјади евра по основ на данок на промет, наследство и подарок, надоместок за уредување на градежно земјиште, надоместок за легализација на бесправно изградени објекти и за давање под закуп на простории.

За побарувањата за данок на имот во износ од 1,2 милиони евра, по испратените опомени не се преземени мерки за присилна наплата, ниту се пресметува и наплатува камата за износот на данокот на имот кој не е платен во пропишаниот рок, нотирале ревизорите.

Станува збор за милионски суми, кои, доколку општината ги наплатила, ќе можат да се искористат за реализација на комунални проекти, како што е проблемот со неиспорачувањето на вода на дел од населените места од водоснабдителниот систем, а градбата на улиците се врши без соодветна планска документација и соодветно одобрение за градење

Општина Липково не обезбедила соодветна наплата на изворните приходи (даноци, такси и надоместоци), утврдиле државните ревизори чешлајќи ги финансиските извештаи на оваа локална самоуправа за 2024 година.

– Утврдена е неусогласеност помеѓу даночната и сметководствената евиденција, како и неевидентирани побарувања од 12.500.000 денари (преку 200 илјади евра), по основ на данок на промет, наследство и подарок, надоместок за уредување на градежно земјиште, надоместок за легализација на бесправно изградени објекти и за давање под закуп на простории. За дел од побарувањата кои потекнуваат од минати години за кои постои голема неизвесност за нивна наплата, не е извршено вредносно усогласување. За побарувањата за данок на имот во износ од 73.186.000 денари (1,2 милиони евра), по испратените опомени не се преземени мерки за присилна наплата, ниту се пресметува и наплатува камата за износот на данокот на имот кој не е платен во пропишаниот рок – нотирале ревизорите.

Општината нема воспоставено регистар на недвижен имот и нема извршено ревреднување на пазарната вредност на недвижниот имот. Како резултат на тоа, 922 обврзници, што е 18% од вкупниот број обврзници, плаќаат данок на имот од помалку од 200 денари, а не е извршено задолжување на оние што се стекнале со дополнителен или нов имот во минатите години.

Исто така, општината не ги почитувала одредбите од Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградените објекти, односно неосновано ослободувала од плаќање на надоместок, не носела заклучок за прекин на постапката и не ги доставувала барањата до надлежното министерство за издавање на одобрение за потврдување на помошен објект на земјоделско земјиште.

Станува збор за милионски суми кои, доколку општината ги наплатила, ќе можат да се искористат за реализација на комунални проекти, како што е проблемот со неиспорачувањето на вода на дел од населените места од водоснабдителниот систем, а градбата на улиците се врши без соодветна планска документација и соодветно одобрение за градење.

– Во три од единаесет населени места сè уште немаат изведено водоводна мрежа и не се изведени приклучоци до крајните корисници, што укажува дека општината не обезбедила функционалност на водоснабдителниот систем во кој се инвестирани 265.745.000 денари, средства обезбедени од буџетот на државата – се посочува во ревизорскиот извештај.

Ревизорите утврдиле дека општинската власт им дозволува на угостители, без одобрение, да го користат јавниот простор пред деловните објекти за поставување урбана опрема и да вршат угостителска дејност.

– За тоа не се наплаќа комунална такса и не е извршен инспекциски надзор на поставената урбана опрема – констатираат ревизорите.

Општината нема донесено одлука за чистење на јавните површини и нема пропишано надоместок, поради што не се остваруваат приходи по овој основ.

– Собирањето и транспортирањето на комуналниот отпад и одржувањето на јавната чистота е во надлежност на ЈКП ПИША, формирано во 2023 година, без склучен договор со општината и без пренесено право на стопанисување со водоснабдителниот систем – се вели во ревизорскиот извештај.

Во текот на 2024 година, исплатени се 1.441.000 денари (23.000 евра) за ангажирање на лица по договор за дело, кои вршат редовни работни задачи, а доделени се 2.112.000 денари (34.000 евра) на здруженија на граѓани и фондации, спортски клубови и невладини организации без утврдени прецизни критериуми во однос на изборот на проекти и одредување на висината на средства.

При изградба на домот на културата во село Матејче, врз основа на времени ситуации (август и септември), исплатени се 1.761.000 денари (28.000 евра) за работи кои не се изведени, а се однесуваат на набавка, транспорт и вградување на театарски седишта, кои се вградени во месец декември 2024 година.

За надминување на утврдените состојби, Државниот завод за ревизија во извештајот дава препораки со цел преземање мерки и активности од страна на надлежните институции и одговорни лица.

Oпштина Kуманово со повик до граѓаните да ги платат даноците

Секторот за даноци и такси при Општина Куманово, ги повика граѓаните и правните лица да ги платат даноците за 2025 година бидејќи наскоро ќе почне дистрибуцијата на решенија на опомени за неплатени даноци и такси како и решенија за присилна наплата за неплатена комунална такса за претходната година.

Ги повикуваме граѓаните да ја намират својата обврска, да си го платат данокот и со тоа да не се генерира следната фаза а тоа се решенија за присилна наплата – изјави раководителката на Секторот, Фросина Краљевска.

Има вкупно 1.468 решенија за присилна наплата за комунална такса. Оттаму велат дека се информирани дека одредени фирми се затворени, но велат дека сè додека ги добиваат информациите од Централниот регистар, ќе мора да генерираат решенија. Комуналната такса во Куманово изнесува 6.000 денари.

– Наплатата на даноци на имот кај физички и правни лица, досега изнесува околу 40 до 50 проценти. Граѓаните имаат некој тренд на плаќање и тоа секогаш на крајот на годината, сметаат дека данокот е годишна обврска и секогаш при крајот на годината го плаќаат данокот, иако согласно со законските обврски, данокот се плаќа во рок од 15 дена од приемот – изјави Краљевска.

Во Куманово има околу 38.000 даночни обврзници, претходната година наплатата се движела од 84 % кај правни лица, 70 % кај физичките и 65 % од фирмите.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ