Во завршна фаза е големиот проект за изградба на првата училишна спортска сала во населбата Хром, во рамките на подрачното ООУ „Димитар Поп Георгиев – Беровски“.
Од Општина Ѓорче Петров информираат дека се очекува од септември учениците, конечно, да имаат нов, модерен простор, по сите стандарди за физичко образование и спортски активности – нешто што го немале никогаш досега.
Салата е целосно опремена со шкафови, санитарии и со потребната инфраструктура.
Инвестицијата е вредна 19.730.000 денари со ДДВ.
– Ова е реализација на едно од најголемите ветувања кон жителите на Хром и дел од поширокиот план за подобрување на условите во образованието. Паралелно, во ова училиште се реализира и нова инвестиција од 1.500.000 денари за: нов влез со пристапна рампа, скали и патека, простор за нова трпезарија и кујна, реновирање на стариот дел од училиштето, проширување на ходниците, како и санација на оштетените делови од покривот – истакна градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.
Тој додаде дека со ваквите проекти не само што се подобруваат просториите туку и се создава безбедна, пријатна и поттикнувачка средина за учење и развој.