Од сексуални проблеми до ментални заболувања -Нова анализа на ДНК на Хитлер ги открива неговите најинтимни тајни

113

Адолф Хитлер требало да ги однесе своите најинтимни тајни во гроб. По самоубиството во бункер во Берлин, во април 1945 година, неговите соработници ги следеле неговите последни наредби: телото било полиено со бензин и запалено за да не може непријателот да стигне до него. Сепак, благодарение на упорноста на експертот за форензичка генетика, професор Тери Кинг, изграден е ДНК-профил од примерок од ткаенина со дамки од крв што ја исекол полковник на американската армија од софата на која извршил Хитлер самоубиство, во 1945 година.

Новата анализа на Хитлеровата ДНК покажува дека тој имал генетско нарушување, кое го спречувало развојот на неговиот полов орган. Нацистичкиот диктатор имал Калманов синдром, кој влијаел на неговиот нормален пубертет и сугерира дека, можеби, имал тешкотии во воспоставувањето сексуални односи. Овие наводи се откриваат во документарецот на „Канал 4“ – „ДНК на Хитлер: план на диктатор“.

Голем дел од документарецот се занимава со опсесијата на Хитлер со својата полувнука и со дискусиите за „траги од сексуална активност“ или нивно целосно отсуство на неговите чаршафи. Приказните од Првата светска војна сугерираат дека Хитлер бил малтретиран поради големината на својот полов орган, а неговата генетска состојба значела дека имал една од десет шанси да развие микропенис. Медицински преглед од 1923 година, откриен во 2015 година, покажал дека тој навистина имал неспуштен тестис, давајќи изненадувачка веродостојност на навредлива воена песна за него.

Наодите од ДНК, исто така, ги побија долгогодишните гласови дека Хитлер имал еврејско потекло, како вонбрачен потомок на еврејски дедо. Од друга страна, не е исклучено дека страдал од едно од големиот број невродивергентни и ментални нарушувања. Утврдено е дека бил на горната граница за шансите за аутизам, шизофренија и за биполарно растројство. Ирскиот психијатар, професор Мајкл Фицџералд, вели дека резултатот на Хитлер за AДХД бил „над просекот“, како и неговиот резултат за аутизам, што, како што вели, е потврдено со документи како што се училишните извештаи.

Во документарецот, исто така, се споменуваат и шпекулации, од кои една е дека извесна Алојзија Фејт, наводно втора братучетка на Хитлер, била испратена во гасна комора откако ѝ била дијагностицирана шизофренија.

Се смета дека како и генетиката, клучно во обликувањето на Хитлер како личност било и неговото трауматично детство. Пред да наполни 18 години, тој ги загубил двајцата родители и четворица од петте браќа и сестри.

 

ИЗДВОЕНИ