Од СДСМ бараат повеќе пари во буџетот за ранливите, студентите и пензионерите

25

Од опозициската СДСМ велат дека со ребалансот на буџетот власта крати 30 милиони евра од социјални трансфери за таа да се луксузира и затоа бараат буџет каде во фокусот ќе бидат децата, ранливите, студентите, пензионерите.

– Владата одлучува во најголемиот буџет во историјата да скрати над 30 милиони евра од социјални трансфери и субвенции додека граѓаните се соочуваат со поскапувања, зголемена сиромаштија и се полош животен стандард. Власта нема  пари за нови мерки за поддршка на стандардот, нема пари за детски додаток, за посебен додаток за децата со попреченост, за поголем образовен додадок, нема пари за повредените и семејствата на загинатите во Кочани. Има пари само за нови луксузирања на функционерите на власта за чии трошења за стоки и услуги, за приватни авиони, папаја и манго се одобрени 30 милион и евра – вели пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска.

Таа е загрижена што со овој ребаланс дупката во ПИОМ ќе расте, а наплатата на придонесите не оди добро, а тоа на долг рок, според неа, значи загрозување на исплатата на пензиите на пензионерите.

СДСМ има поднесено 160 амандмани со кои бараат покачување од 20% на детски додаток, еднократна парична помош за новороденче, родителски додаток за дете, додаток за образование, покачување од 10% на социјалната заштита, гарантирана минимална помош, надоместок заради попреченост, надоместок за помош и нега од друго лице, правото на социјална сигурност на стари лица, како и 30 милиони денари за невладините организации, Националните инвалидски организации, нивните здруженија и нивната асоцијација, на здруженија за борба против семејното насилство и за Црвениот крст.

Исто така, бараат 934 милиони денари за семејствата на загинатите и повредените во трагедијата во Кочани, 60 милиони за реновирање и 20 милиони за опрема во болницата во Кочани. Бараат и финансиска помош за студенти од социјално загрозените семејства, додаток на студенти со попреченост и бесплатен превоз за ученици од руралните места.

ИЗДВОЕНИ