Од сабота во функција првиот калистеника парк во Македонија, покрај булеварот „Србија“

4054

В сабота, во функција ќе биде ставен првиот калистеника парк во Македонија, кој се наоѓа покрај булеварот „Србија“, во непосредна близина на бензинската пумпа „Лукоил“ во Општина Аеродрoм.

В.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, информираше дека овој парк е опремен со професионална опрема од „Keндуру прo“, со цел да ги задоволи потребите и на рекреативците и на професионалните вежбачи.

Овој парк почна да се гради на почетокот од август годинава. Се работи за мултифункционален фитнес-комплекс KANAK K-030, со систем на справи наменети за калистеника и за вежбање на отворено, како и за организирање меѓународни натпревари.

– Со овие справи, сите граѓани, без оглед на возраста и кондицијата, ќе имаат можност да вежбаат, да ја подобрат физичката форма и да го зајакнат своето здравје, на само неколку чекори од својот дом – соопштија од Општина Аеродром.

Справите се поставени со цврсти алуминиумски стеги со TÜV-сертифициран квалитет, што гарантира безбедност и долг рок на употреба.

Исто така, во рамките на овој спортски комплекс е и првото залетиште со тартан патека и корито со песок, кое ќе служи за скок во далечина.

 

 

ИЗДВОЕНИ