Од реформи чекор по чекор, преку робусна акција, премиерот најави сериозна робусна акција во правосудството

И по цена на негативен извештај за политички притисоци

183

Робусната акција ќе прерасне во сериозна робусна акција по локалните избори, најави премиерот Христијан Мицкоски во одговорот на новинарско прашање поврзано со обвинението за поранешната антикорупционерка, Татјана Димитровска, интерпелацијата за членовите на Судскиот совет и за Државниот обвинител. Акцијата во правосудството ќе биде и по цена власта да се најде во извештаите за земјава дека врши политички притисоци.

– Сигурно дека ќе се одрази, очекувам да се одрази во извештаите за земјава, но тоа се работи за кои ние како влада 14 месеци предупредуваме и по однос на работата на ДКСК и по однос на работата на Судскиот совет, Јавното обвинителство. Но, кога реагирам, ние повторно се наоѓаме во извештаите дека правиме политички притисок. Сега ќе се најдеме во извештаите дека тие места се непополнети и дека тие тела не си ја вршат работата. Затоа мислам дека со целиот политички ризик по локалните избори, треба да се направи една сериозна робусна акција и ако се утврди одговорност, сите овие, судството и обвинителството со два проценти доверба, треба да одговараат за тоа што се случува, по цена и да бидеме дел од извештаите дека правиме политички притисоци. Ако седите на страна тогаш нема владеење на правото, ако се вклучите во процесот, тогаш правите политички притисок. Затоа, јас би рекол, подобро еднаш засекогаш да расчистиме со овие инсталации на претходната влада во рамки на нашиот судско-обвинителски систем и да видиме, да избереме луѓе кои се со квалитет, со компетенции од фелата и да се надеваме дека тие ќе бидат заштитници на правото и правдата – изјави Мицкоски и најави дека по локалните избори тие како влада ќе ја продолжат постапката за разрешување на Републичкиот јавен обвинител.

– Ние не ги менуваме ставовите доколку од другата страна нема некои крупни значајни аргументи кои би нè довеле во ситуација да го преразгледаме нашето мислење. Мојот став од самиот почеток, до денес е ист. Имаше одредена пауза на процесот кога се креираше обвинението за онаа ужасна трагедија во Кочани, така што ние продолжуваме онаму каде што застанавме – рече Мицкоски.

Во последното интервју на обвинителот Љупчо Коцевски за весникот ВЕЧЕР пред еден месец, изјави дека во овој момент не планира да поднесе оставка и оти ќе се посвети на крупните случаи што ги открија и водат обвинителствата како Крмзов, Кочани, Онкологија. Прашан за политичките притисоци, обвинителот изјави дека лично, не дозволува никој да врши притисок врз него и ги охрабри колегите да бидат отпорни, а секој обид за влијание да го одбиваат и да го пријавуваат.

Петтемина членови на Судскиот совет избрани од претходното владејачко мнозинство во парламентот по интерпелацијата не поднесоа оставки. Тогаш Мицкоски најавуваше протести пред зградата на Советот, но се случи несреќата во Кочани и тоа се тргна настрана. Членовите на Судскиот совет, според соопштенијата за одржани седници, речиси еден месец не се собрале да одлучуваат. Во советот сè уште нема избрано член на предлог на претседателката бидејќи таа изјави дека ќе го чека носењето на новиот Закон за Судски совет кој е дел од реформската агенда на Македонија. И во минатото Судскиот совет беше синоним за политичко влијание врз судството, се разрешуваа неподобни судии, се избираа по принципот „тефтерче“, се правеа преседани во одлучувањето. Новиот закон предвидува јавност во постапката за разрешување на претседателот на Советот, воведување јавна расправа за кандидатите за несудски членови како и зајакнување на критериумите за избор, разрешување на членови на Судскиот совет од редот на судиите. (П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ