Во скопското село Глуво сè уште се негува традицијата што се пренесува од дедо на внук. На овој голем ден, уште од стари времиња, сите верници од ова село, во 2:00 часот по полноќ на Велигден одат во една од најстарите цркви на Скопска Црна Гора, „Свети Никола“.
– Влезот на оваа црква е многу мал – 1,20 метри. За да влезете во неа, ќе мора да се наведнете или поклоните. Ја слушаме литургијата што ја води нашиот свештеник. Потоа сите излегуваме пред црквата и се кршиме со јајцата што сме ги понеле од дома – раскажува Јован Кукуновски за весникот ВЕЧЕР. Додава дека наредното утро, по 8:00 часот, повторно се оди во црква, каде што се палат свеќи за здравје на семејството

Христијаните, особено децата, им се радуваат на велигденските обичаи. Во разни делови од земјава има различни обичаи како се прославува тој. Најголемиот христијански празник, Велигден, претставува тажен, но воедно и среќен ден, бидејќи Христос ја победил смртта преку своето жртвување и патење. Обично се прославува во кругот на семејството, со ручек, по што се оди во посета на најблиските роднини.
За Велигден се меси погача, која се украсува со плетенки и во која се прават вдлабнатини во кои се ставаат велигденски јајца. За децата, во некои краишта, се кријат колачи и јајца во домот и во дворот, кои почнуваат да ги бараат веднаш по велигденскиот појадок.
Во градските средини се украсува домот со разни нови украси како пластични јајца и разни декорации, кои денес може да се купат во специјални продавници. Во селските средини, куќата се украсува, пред сè, со цвеќе.
Во селото Глуво, кое се наоѓа на територијата на Општина Чучер Сандево, овој голем христијански празник се дочекува со особена радост. Сопственикот на тамошниот етноресторан „Рибилимус“, Јовица Кукуновски викан Кукун, раскажа за весникот ВЕЧЕР како го празнуваат Велигден.
Тој вели дека на овој голем ден, уште од стари времиња, сите верници од ова село, во 2:00 часот по полноќ одат во една од најстарите цркви на Скопската Црна Гора, „Свети Никола“.
– Влезот на оваа црква е многу мал – 1,20 метри. За да влезете во неа, ќе мора да се наведнете или поклоните. Ја слушаме литургијата што ја води нашиот свештеник. Потоа сите излегуваме пред црквата и се кршиме со јајцата што сме ги понеле од дома – вели Кукуновски.
Притоа, продолжува и вели дека наредното утро, по 8:00 часот, повторно се оди во црква, каде што се палат свеќи за здравје на семејството.
Она што го издвојува тој како особено интересно е што на првиот ден Велигден луѓето масовно, од младо до старо, се упатуваат во етноресторанот, кој, како што вели, е симбол за дружењето и љубовта на цела Скопска Црна Гора, каде што има богата музичка програма. Воедно, се организира натпревар за најјако јајце, а за победникот ресторанот доделува награда семеен ручек.
– Потоа одиме на гости кај своите најблиски, каде што си прикажуваме само за убавите работи што ни се случиле во текот на годината. И во текот на сите три дена на Христовото воскресение се трудиме да немаме никакви негативни мисли и да не правиме негативни работи – наведува Кукуновски.
(А. П.)












