Делови од државата, особено на повисоките планински места, утринава се најдоа под снежна покривка, иако до пред неколку дена преовладуваа летни температури. Снег има на Попова Шапка, во Маврово, на Стража, од каде што се објавуваат фотографии на социјалните мрежи. Поради снегот, возењето на превојот Стража се одвива отежнато и се препорачува внимателно возење, бидејќи возилата сè уште не се подготвени за зимската сезона, со оглед на тоа што законската обврска за задолжително носење зимска опрема започнува на 15 ноември. Сообраќајот во овој дел од државата се одвива непречено, но се предупредува за внимателно возење поради влажните коловози и помалите, но чести одрони. Ваквото време ќе се задржи до утре, од сабота повисоки температури
Делови од државата, особено на повисоките планински места, утринава се најдоа под снежна покривка, иако до пред неколку дена преовладуваа летни температури. Снежната покривка на почетокот од октомври измами насмевка не само кај децата туку и кај возрасните.
Снег има на Попова Шапка, во Маврово, на Стража, од каде што се објавуваат фотографии на социјалните мрежи. Поради снегот, возењето на превојот Стража се одвива отежнато и се препорачува внимателно возење, бидејќи возилата сè уште не се подготвени за зимската сезона, со оглед на тоа што законската обврска за задолжително носење зимска опрема започнува на 15 ноември.
Здружението за промоција на македонските ски-центри „Ски Македонија“ на својот јутјуб-канал емитува видео во живо од Попова Шапка и од Маврово, каде што може да се види состојбата во овие ски-центри.
Првите снежни врнежи се забележани и на повисоките населени места, како Лазарополе, Броштица, подрачјето на Горна Жупа, како и во селото Татар Елевци над градот. Сообраќајот во овој дел од државата се одвива непречено, но се предупредува за внимателно возење поради влажните коловози и помалите, но чести одрони.
– На патните правци под наша надлежност има помали, но чести одрони од камен. Поради влажните коловози, но и можноста од поголеми одрони, по што е познат нашиот регион, препорачуваме многу внимателно возење и строго почитување на патната сигнализација. Нашите екипи се постојано на терен, со цел навремено расчистување и безбедно одвивање на сообраќајот – потврдуваат од дебарската секција на Јавното претпријатие за одржување на магистралните и на регионалните патишта.
Додаваат дека целосно се подготвени да одговорат на секоја потреба, иако зимскиот распоред на работа почнува на 5 ноември.
Под надлежност на оваа секција се делниците Дебар – Жировница (патен правец Дебар – Маврово), Дебар – Глобочица (патен правец Дебар – Струга), патот кон граничниот премин Блато, потоа кракот Бошков Мост кон селата на Мала Река, како и патот Мелнички мост – Центар Жупа или над 110 километри.
Белата покривка, иако тенка, го најави доаѓањето на постудени денови. Според метеоролозите, во наредните денови се очекуваат нови врнежи и постепено зголемување на снежната покривка.
Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), под влијание на влажен и студен бран, времето и утре ќе биде облачно и студено, со врнежи од дожд, кои наместа ќе бидат обилни. Вкупно од овој бран се очекува на повеќе места да наврнат над 30 л/м², а локално и над 50 л/м² дожд.
– Поради продор на постудена воздушна маса од север и засилен северен ветер, денеска на планините врнежите ќе преминуваат во снег, а поради натамошното спуштање на студен воздух, денес ќе има услови да преминуваат во снег и на некои од повисоките места. На повисоките планини ќе се формира значителна снежна покривка. Од сабота времето ќе биде стабилно, со ниски утрински температури, а дневните ќе бидат во пораст. Во Скопје, до петок времето ќе биде претежно облачно со врнежи од дожд, повремено пообилни. Ќе дува умерен до засилен северен ветер – наведуваат од УХМР.
(А .П.)