Во Битола е во завршна фаза изградбата на топловодот и по 13-14 години, дел од институции во градот ќе добијат греење. Топловодот зависи од енергијата од РЕК „Битола“.
Градот под Пелистер е пред нов и голем предизвик, а тоа е како да се обезбеди континуиран извор на енергија за топлификацијата, бидејќи РЕК „Битола“ е на крајот од својот живот век со користењето јаглен, а топлификацијата е на својот почетен животен век и целта е да функционира уште најмалку половина век.
Едно од можните решенија се обновливите извори на енергија, односно нов извор на енергија да бидат отпадните води од пречистителната станица во Битола. Проект што е на почеток и што ќе значи енергија за целиот град.
Иако на прв поглед изгледа неверојатно, експертите од „Екоресет“ од Битола – Швеѓанецот д-р Нелсон Сомерфелдт и битолчанецот Горан Неделков даваат решение за греење на Битола од отпадните води од новата пречистителна станица, во комбинација со големи топлински пумпи и соларни системи.
– Сега топловодот ќе ја користи таканаречената валкана енергија од РЕК „Битола“, валкана поради јагленот, но со изградба на пречистителната станица и со инсталирање големи топлински пумпи, може да се добие чиста енергија. На овој начин би имале ефикасен и еколошки топлификациски систем – изјави д-р Сомерфелдт.
Експертите велат дека резултатот – отпадната вода од пречистителната станица да може да се искористи како енергетски извор, во комбинација со големи топлински пумпи и соларни системи – е одлична можност за намалување на емисијата на штетни гасови.
– Можно е на неколку места да се изведе искористување на енергијата од водата во Битола за потребите на топлификацискиот систем, од кои најповолни се во делот на пречистителната станица и во делот на РЕК „Битола“ и тоа да биде со примена на топлински пумпи. За подобро да разберат граѓаните, граѓаните ги имаат топлинските пумпи дома, во облик на климатизери, но овде се работи за големи топлински пумпи, кои ќе бидат поставени во делот на пречистителната станица или во РЕК „Битола“ и ќе бидат значително поефикасни отколку што е моменталната ситуација – објаснува д-р Сомерфелдт.
Според шведскиот експерт, добро е да почне да работи топлификацискиот систем со неколку објекти во градот, за граѓаните да видат дека функционира тоа и дека потоа ќе се прошири користењето на системот. Вели дека постојат два начина на кои ќе може да се користи енергијата од пречистителната станица, едниот дел е произведување биогас, кој е во помала количина, а другиот е со користење на водата како добар извор за топлинските пумпи.
Во Министерството за животна средина и просторно планирање се одржа првиот состанок на управувачкиот комитет, кој ја следи реализацијата на проектот за изградба на пречистителна станица за отпадни води и реконструкција на канализациската мрежа во Битола.
– На состанокот беа презентирани тековниот статус и напредокот на проектот, кој во моментот е во фаза на идеен проект за пречистителна станица, кој веќе е доставен од изведувачот до надзорот. Се разговараше за предизвиците што стојат пред проектот во наредната фаза, како што се основниот проект, организацијата на градилиштето, мобилизацијата, безбедносните прашања на градилиштето, како и квалитетот на работата – соопштија од Општина Битола.
На почетокот од 2025 година, претставници на „Екоресет“ и македонски енергетски компании беа во Стокхолм, каде што ја посетија топланата на фирмата „Stockholm Exergi“, во која се едни од најголемите топлински пумпи за топлификациски системи во светот, кои ја користат енергијата од водата од пречистителната станица за загревање на илјадници домаќинства.
Горан Неделков, консултант за инженеринг на енергетски системи, вели дека нискотемпературните системи за греење во голема мера се применуваат во топлификациските системи во развиените земји и резултираат со поголема конкурентност и атрактивност.
– Што се однесува на користењето на водата од пречистителната станица како енергетски извор, карактеристично е по тоа што водата, по пречистителната станица, има параметри што резултираат со значително повисок коефициент на перформансите на топлинските пумпи и со поевтино централно греење – вели Неделков.
Но, експертите велат: за Битола да го следи овој пример, потребна е институционална соработка и поддршка со цел обезбедување финансии и грантови за изградба на топловод што би ја поврзал пречистителната станица со топлификациската мрежа.