Иако беа најавени нова фитнес-зона, ново детско игралиште, нови клупи за одмор, канти за отпад, како и целосно уредување на пешачките патеки и зеленилото во т. н. Холандски парк, од „Охрид СОС“ реагираат дека јавноста го немала на увид проектот, не биле презентирани детали, ниту било познато дали ќе останат или ќе се редуцираат зелените површини и децениските стебла.
Тие стравуваат дека ќе биде уништена уште една зелена зона.
– Стравувањата се оправдани, со оглед на тоа што во неколку наврати изминатава деценија на овој потег се исекоа десетици дрвја и се отстрани зелена вегетација. Иако партерното уредување и клупите не изгледаа како да им треба обнова или реконструкција, сепак, во моментов, комплетно се отстранети. Целосно е отстрането и детското игралиште во близина на мостот. Оваа локација е една од ретките зелени зони во градот, која граничи со појасот на трска Мазија (инаку жариште на биолошката разновидност). Изминативе децении не е подигнат ниеден нов парк во Охрид. Напротив, зелените зони драстично се намалуваат, преку узурпација, градба и слично – нагласуваат од „Охрид СОС“.
Оттаму додаваат дека во Правилникот за урбанистичко планирање е предвиден оптимален стандард на застапеност на зелени урбани инфраструктури од 25 квадратни метри по жител.
– Но реалноста е далеку од оптималните стандарди. Секој жител на Охрид има само 1,6 квадратни метри зелена површина. Градот Охрид спаѓа во средно големи градови. Процентот на препорачана вкупна застапеност на површини со зелени урбани инфраструктури треба да се движи од 14 до 20%. Според податоците на Државниот завод за ревизија, процентот на планирано зеленило согласно со актуелниот генерален урбанистички план на Охрид е под минимумот, односно 10,82%. Дополнително е утврдено дека во планските опфати на генералните урбанистички планови не е достигнат оптималниот стандард на застапеност на зелена урбана инфраструктура –образложуваат од „ Охрид СОС“.