Во Старата скопска чаршија во Даут пашин амам, вчеравечер, се одржа ноќно снимање за филмот „Збогум Копакабано“ во режија на Милчо Манчевски, а во продукција на „Банана филм“.
Режисерот Манчевски изрази задоволство од снимањето на овој филм, кој две ипол години беше забранет од Агенцијата за филм од тогашното раководство.
-Една мала победа во борбата против филмската мафија, против местење на конкурси, корупција, крадење на државни пари. Имаме две правосилни пресуди против Агенцијата за филм и се промени раководството во Агенцијата и верувам дека увидоа дека тоа што го правеа беше незаконски, рече Манчевски.
Овој филм, според него, ќе биде посмешен од неговите претходни, а се работи за еден вид комедија, но и тажна приказна за брат, сестра и шахта.
– Никогаш не работам со однапред зададена агенда. Задачата ми е да раскажам приказна. Мене ме интересира заплетот, ме интересираат луѓето. Е сега, работејќи на тоа, кога работиш две, три, пет години кога-како, ако е добар процесот и ако има синергија со соработниците, а овој пат имам феноменални соработници и меѓу глумците и меѓу екипата, вредните работи, темите или ако сакате пораките, сами испливуваат на површината и стануваат и поинтересни и повидливи и порелевантни, рече Манчевски.
Актерот Јордан Симонов пак, истакна дека ова е негова четврта соработка со Манчевски, која како што рече, претставува еден вид врв на нивната соработка.
– Сум работел претходно во „Before the rain“, во „Dust“, во „Сенки“. Секое снимање филм е посебно доживување, тоа носи посебна енергија и магија, а луѓето и актерите кои што работат во него ја чувствуваат таа енергија … Во овој филм имам поголема задача, па со тоа и одговорноста е поголема. Така што се надевам дека го постигнав она што требаше да се постигне, го доловив ликот на Панче Герамида, еден транзиционен јунак кој ги чувствува сите тешкотии од транзицијата, она што сите го чувствуваме живеејќи во Македонија 30 години, додаде Симонов.
Фото: Јасна Чилиманова Накова