Токму во оваа пештера, на 8 октомври 2018 година, се одржал еден необичен и восхитувачки концерт, на кој педесетината гости пристигнале со кајчиња. Станува збор за концерт на младиот оперски тенор Нико Ѓоргиевски, кој вели дека оваа пештера е крајно инспиративно место. Петар Ренџов, исто така, таму се обиде да пронајде соодветна атмосфера за музиката што ја изведува. Непосредната близина до езерото Матка ја прави пештерата Врело најпогодна за туристичка посета. А, двете езера во внатрешноста, неколкуте убави и големи пештерски галерии и големиот број пештерски украси ја прават интересна за посетителите

Можеби, многумина не знаат, но туризмологот Гордана Јанакиевска се присети на концертите во концертната сала во пештерата Врело во Матка, но и на дружењето со момците од хорот на Операта, кои звучеле магично во црквата „Свети Андреа“.

– Гиш некаде во кањонот и нереалните звуци што ги придвижуваат сите сетила во тебе. Зошто исчезна таа можност за овие генерации? – прашува таа.

Токму во оваа пештера, на 8 октомври 2018 година, се случил еден необичен и восхитувачки концерт, на кој педесетината гости пристигнале со кајчиња. Станува збор за концерт на младиот оперски тенор Нико Ѓоргиевски, кој вели дека оваа пештера е крајно инспиративно место.

– Мислам дека подалеку од тоа не се стигнува кога се работи за ремек-дело на Божјата рака што може да биде облагородено и на овој начин. Пештерата е првото прибежиште на човекот од надворешните влијанија и опасности. Негов прв дом. Примордијален. Иако беше свежо, во истиот момент беше и најтопло место да се биде. Во пештерата првпат човекот посакал да се изрази и да остави белег, осознавајќи за сопствената смртност. Познати раце на ѕидот со пигменти од растенија што датираат од предисториското време. Може да се рече дека тоа е првата уметност. Чиста, силна… До ден-денес комуницираат со нас тие луѓе, преку своите отпечатоци. Еве сме, постоевме. Знајте за нас! – вели Ѓоргиевски.

Петар Ренџов, исто така, таму се обиде да пронајде соодветна атмосфера за музиката што ја изведува.

– Со Матка, каде што, во 2005 година, го промовирав албумот „Сонот на невестата“, сум поврзан уште од моето детство. Ми дојдоа само најдобрите другари и пријатели, поддржувачи, па на некој начин и публиката беше одбрана, дојдоа само тие што требаше – истакна тој.

Од левата страна на пештерата Врело, пак, се таканаречените пишани камења. Станува збор за систем од знаци, можеби и за писмо, за чие дешифрирање и толкување треба стручна помош.

– Нејзината непосредна близина до езерото Матка ја прави најпогодна за туристичка посета. А, двете езера во внатрешноста и неколкуте убави и големи пештерски галерии ја прават интересна за посетителите. Дотаму се пристигнува за дваесетина минути, со едно од бротчињата стационирани пред ресторанот „Кањон Матка“, цената е 500 денари од лице. Чамецот застанува на специјално направена платформа, а потоа се пешачи до влезот на пештерата. Во самата пештера има голем број пештерски украси, меѓу кои доминира огромниот сталагмит во вид на шишарка (висок два метри), кој се таложи веќе 2.700 години. Звуците што постојано се слушаат во внатрешноста на пештерата Врело доаѓаат од нејзините жители – лилјаците. На самиот влез од пештерата Врело е „салата” во која понекогаш се одржуваат концерти. Музиката во овој простор добива сосема поинаков звук – опишува Јанакиевска.

Според сталактитот „шишарка“ е наречена втората сала (сала на шишарката), додека понатаму е третата сала (сала на езерата).

Присуството на сталактитите во водата упатува на заклучокот дека некогаш во пештерата немало вода. Оваа констатација ја потврдува еден спелеолог и информира дека се создадени езерата по изградбата на акумулацијата „Матка“ во 1936 година.

Тоа значи дека пред изградбата на вештачкото езеро Матка, вклучително и на хидроцентралата, во овие пештери, подобро кажано пештерски системи, немало вода и би биле проодни за човекот. Но и покрај тоа што била запечатена пештерата Врело со вода, сепак, нејзиниот влез бил сосема случајно откриен од нуркачите. А она што е најчудно, подводниот влез бил затрупан со помали и со поголеми камења, како што известуваат нуркачките друштва. Тоа остава сомнеж како некој намерно да сакал да го запечати нејзиниот влез.

Од година на година, сè повеќе и повеќе професионални нуркачи од светот доаѓаат во подводната пештера Врело со цел да ја истражат и проучат и секој пат постигнуваат нови длабочински рекорди. Колку е длабочината на оваа пештера, сè уште е неизвесно. Во 2008 година, со 100 метри, пештерата била на 71. место според длабочината, но во новите истражувања изведени во 2009 година имала длабочина од 192 метри и се наоѓала на 14. место. Во 2010 година, италијанскиот нуркач Луиџи Казати се спуштил до 212 метри, со што бил поставен нов рекорд за длабочина на пештерата. Сепак, во 2016 година, полскиот нуркач Кшиштоф Старнавски нурнал до длабочина од 230 метри, но изјавил дека „понатаму се гледа дека пештерата отвора подлабоко, но тоа го оставаме за следната експедиција“, со што и понатаму останува непозната вистинската длабочина на пештерата. Во 2017 година, повторно полскиот нуркач Кшиштоф Старнавски се нурнал до длабочина од 240 метри со откривање нови простории во пештерата Врело. Пештерата Врело сè уште не е целосно истражена и не е откриена нејзината вистинска длабочина.

Името на пештерата Врело доаѓа од зборот „врело“ што означува силен извор на вода во варовнички (карстни) предели, каде што се среќаваат и пештери каков што е кањонот Матка. Веднаш до самата пештера Врело, постои отвор над самото ниво на водата на езерото Матка низ кој на неколку секунди постојано излегува (клокоти) млаз вода од изворот врело во внатрешноста на пештерата, кој прави мали кружни бранови над површината на водата. Постоењето езерца во внатрешноста на пештерата, исто така, е показател за присуството на силниот карстен извор Врело, според кој го добила пештерата името. Врело, во суштина, е поим за две пештери (подводна и надводна) во близина на Скопје, со досега откриена длабочина од 230 до 240 метри, што во моментов ја прави најдлабока подводна пештера на Балканот и втора најдлабока во Европа.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ