Од наредниот месец нови мерки за ублажување на цените на храната?

Се чека извештајот од Државниот пазарен инспекторат за да се види колкаво зголемување има на цените на основните прехранбени производи и да се види какви мерки треба да се преземат. Ако извештајот покаже дека и овој месец има поскапување ќе се оди со мерки, но какви сè уште не се знае, велат од Министерство за економија. Во меѓувреме многу институции изразија загриженост поради воениот конфликт меѓу Иран и Израел поради раст на цените на нафтата и на инфлацијата. И од академската фела сметаат дека конфликтот меѓу Иран и Израел може да ја вивне инфлацијата, но предлагаат доколку се оди со мерки, тие да бидат индиректни, а не директни како замрзнување на цени и маржи

810

Се крчкаат нови мерки за сузбивање на инфлацијата. Ова пред два дена го најави премиерот Христијан Мицкоски, а од Министерство за економија потврдија дека од наредниот месец ќе се преземат мерки за спречување на растот на цените на основните прехранбени производи. Оттаму велат дека се чека извештајот од Државниот пазарен инспекторат за да се види колкаво зголемување има на цените на храната. Надлежните стравуваат дека воениот конфликт меѓу Иран и Израел ќе предизвика значителен раст на цените на нафтата на светските берзи, што ќе влијае на поскапување на цените на храната. Ова го потврди и академик Таки Фити, кој рече дека ако продолжи воениот конфликт меѓу Иран и Израел, ќе проработат инфлациските тенденции.

Од Министерство за економија велат дека сè уште се прават анализи за да се види кои мерки да се приманат и колку долго да траат. За да прецираат мерките, како што велат, треба прво да се види извештајот од ДПИ.

-Се следат состојбите и доколку и овој месец се утврди дека има зголемување на цените на храната ќе се оди со мерки. Се чека извештајот на Државниот пазарен инспекторат за јуни за да се види дали и колкаво зголемување има на цените на храната, а потоа ќе се види какви мерки ќе се преземат. Минатиот месец имаше мал раст на основните прехранбени производи, а поголем на берзанските производи. Ако извештајот покаже дека и овој месец има поскапување ќе се оди со мерки, информираат од Министерство за економија.

Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески рече дека пред да се донесе одлука за цените треба да се направи добра анализа.

-Ние ги следиме цените максимално преку Државниот пазарен инспекторат правиме анализи и ако има потреба да се донесе некоја одлука и мерка ќе го направиме тоа во интерес на граѓаните за заштита на животниот стандард. Вратени се дел од цените на производите како пред одлуката, има мало покачување на одредени цени, а некои се останати на исто ниво. Но, имаме поголемо зголемување на цените на кафето и маслото, кои се берзански производи и зависат од светските берзи. Меѓутоа, сепак за крајна одлука ќе ја почекаме комплетната анализа, која ќе биде готова во текот на наредната недела, рече Ристески.

Во однос на воените тензии на Блискиот исток, кои најверојатно ќе се рефлектираат и на берзата на енергенси, Ристески рече дека Владата ја следи ситуацијата на светско ниво и ќе реагира доколку има потреба.

-Ја пратиме не само ситуацијата на внатрешната економија, туку ги пратиме и светските случувања, она како што иде, така и ќе реагираме како Влада. Мораме да бидеме и претходно спремни и да имаме информации и да имаме состаноци на повеќе министерства и на Влада. Се прати ситуацијата доколку ескалира работата, која би предизвикала и одреден потрес и на светската економија, нормално е дека ќе реагира Владата со соодветни мерки, изјави Ристески.

И академик Таки Фити смета дека ако продолжи воениот конфликт меѓу Иран и Израел ќе проработат инфлациските тенденции.

-Војната Украина – Русија, трговската војна наметната од Трамп, сега и војната меѓу Иран – Израел. Целото опкружување станува многу поризично и има силни негативни импликации и врз економијата и врз целокупниот развој на земјите. Цената на нафтата е многу значајна зашто е импут во производство на огромен број производи. Кога беше енергетската криза, енергенсите многу поскапеа и тоа не резултираше со рецесија, но беше блиску до рецесија. Многу земји беа блиску до стакфлација, едновремено присуство на ниски стапки на економски раст и на релативно висока инфлација и висока невработеност. Ако ова продолжи, ќе има импликации. Може да проработат инфлациските тенденции. Тоа е опасност за Македонија. Кога беше енергетската криза ние имавме малку повисока стапка на инфлација за разлика од други земји, прво зашто е таква структурата на нашата економија и увозната зависност за многу производи и енергија е прилично голема па како растат цените во тие земји, така таа инфлација се увезува и кај нас. Зависи колку ќе трае војната, тоа ќе ги зголеми трошоците на производство на сите бизниси и тоа е многу сериозен проблем – изјави академик Фити.

Тој порача дека кај цените на храната Владата треба да дејствува со индикретни, а не со директни мерки. Потсети дека имаме Комисија за заштита на конкуренцијата која, како што напомена, треба да си ја врши својата работа.

-Економската наука е против директни интервенции во доменот на цените како што е замрзнувањето, зашто тие честопати се контрапродуктивни. Ефект ќе има одреден период, но проболемите се кумулираат и кога ќе се „ослободат“ цените, тоа се враќа како бумеранг. Основно е да се контролира ситуацијата со индиректни мерки. Ние ја имаме Комисијата за заштита на конкуренцијата и таа треба да си ја врши својата работа. Во екот на кризата, Комисијата рече: „ние не постапуваме ако немаме допрен глас“. Не може така. Комисијата има компетенции да постапува, да спречува монополистичко однесување, да спречува доминанта позиција на определени фирми, да казнува директно за тоа. Таа е една од клучните институции која е задолжена за одржување на нивото на конкуренција и на конкурентниот притисок во економијата, но и на слободата на пазарот и претприемништвото – нагласи Фити.

Според него, треба да се смени системот на субвенционирање, бидејќи како што рече даваме огромни субвенции кои не даваат соодветни резултати. Треба, потенцира, да се смени системот на субвенционирање. Покрај субвенции, како што рече треба да се обмислат и други мерки за поддршка.

(A.С.)

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ