Мекларен доминира оваа сезона во Формула 1, но нивниот извршен директор Зак Браун сè уште покажува големо почитување кон еден од нивните најголеми ривали – Макс Верстапен.

Додека Оскар Пјастри и Ландо Норис се борат за титулата, откако победија на 11 од првите 14 трки, Ред Бул и Верстапен се зад конкуренцијата оваа година.

Пјастри води пред Норис во генералниот пласман со 31 бод, додека четирикратниот шампион Верстапен е трет, со 94 бода зад лидерот.

Мекларен веќе практично ја обезбеди титулата кај конструкторите, што ќе биде нивна втора последователна.

Браун откри во интервју за холандскиот весник „Де Телеграф“ дека живеел во Холандија, земјата на потекло на Верстапен, додека се натпреварувал против таткото на Макс, Јос, во шампионатот на Бенелукс формула опел лотус.

  • Јос победуваше речиси сè тогаш. Беше неверојатно талентиран, но неговите конечни резултати не го покажуваат тоа. Тој заврши покрај Михаел Шумахер во Бенетон, што можеби не беше идеално за него. Сепак, уживав во времето поминато во Холандија и сонував еден ден да возам за Мекларен, истакна Браун.

Иако денес го исполни својот сон и го води Мекларен, Браун признава дека семејството Верстапен сè уште му останува во посебно сеќавање.

Ова го отвори прашањето дали би сакал еден ден да соработува со Макс, а неговиот одговор сугерира дека тоа би можело да биде во сосема поинаква средина од Формула 1.

  • Искрено, би сакал да го имам Макс како тимски колега во трките на издржливост. Тој неодамна покажа на Нордшлајфе, под псевдонимот Франц Херман, колку е брз во таа средина. Макс е фантастичен возач и со причина е четирикратен шампион. Уживам да работам со сите возачи во програмата на Мекларен, и со Макс? Којзнае, можеби еден ден…, порача Браун.

Во 2027 година, Мекларен ќе ја започне својата програма во трките за издржливост со влегувањето на Светското првенство (WEC).

 

ИЗДВОЕНИ