Од лидер во регионот до заложник на вето – каде заглави Македонија на патот кон ЕУ?

Тирана доби зелено светло од ЕУ за отворање на последното поглавје од преговорите за членство, а Скопје сè уште чека дозвола за старт. Двете земји што Унијата ги држеше во пар, сега се на различни патеки, но онаа на Македонија наликува на лавиринт. Некогаш предводник во процесот на европска интеграција во регионот, денес Македонија се соочува со стагнација, па дури и со назадување, надворешни идентитетски условувања и внатрешни поделби и недостиг од политички консензус околу стратешките државни приоритети. Поранешниот амбасадор Ристо Никовски, во изјава за весникот ВЕЧЕР, вели дека земјава мора да го откаже вториот Протокол со Бугарија, за да излезе од ќор-сокакот, затоа што обврските или се исполнуваат или се откажуваат. И покрај зеленото светло за Тирана, амбасадорот е уверен дека проширување на ЕУ нема да има во скоро време и дека земјите од регионот можат да влезат само во пакет

533

Тирана доби зелено светло од Брисел и со забрзан чекор се движи кон последната фаза од пристапните преговори со Европската Унија, а Скопје останува заглавено на стартната линија. Некогаш предводник во процесот на европска интеграција во регионот, денес Македонија се соочува со стагнација, па дури и со назадување, надворешни идентитетски условувања и внатрешни поделби и недостиг од политички консензус околу стратешките државни приоритети. Ова е реалноста за македонското евроинтегративно патешествие, кое од симбол на стабилност се претвори во хроничен пример за европска неодлучност и домашна нефункционалност. Поранешниот амбасадор Ристо Никовски, во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека земјава мора да го откаже вториот Протокол со Бугарија, за да излезе од ќор-сокакот, затоа што обврските или се исполнуваат или се откажуваат. И покрај зеленото светло за Тирана, амбасадорот е уверен дека проширување на ЕУ нема да има во скоро време и дека земјите од регионот можат да влезат само во пакет.

– Очигледно е, барем формално, дека Албанија и Црна Гора напредуваат кон Брисел. Тие навистина преговараат интензивно, меѓутоа мора да ни биде јасно дека ЕУ уште многу долго нема да се шири. Тиe и не го кријат тоа. Постојано има изјави од разни страни, дека прво мора да се извршат длабоки реформи во Унијата, а дури потоа да има евентуално проширување. И претходниот германски канцелар, и сегашниот, јасно прецизираа дека останатите балкански земји ќе бидат примени само во пакет. Тоа значи – никогаш. Пет членки од Унијата не го признаваат Косово, а тоа значи дека сите заедно не сме квалификувани. Паралелно, Брисел формираше и втора лига за кандидатите, преку Европската политичка заедница, со која се апсолвираше политичкиот дел на Унијата, и преку четирите столбови на Фон дер Лајен, со кои се дефинираше остатокот. Преку нив ќе се отвори заедничкиот пазар од една страна и ќе се отворат и фондовите на одреден начин, што веќе се реализира со шесте милијарди евра за побрз развој на кандидатите. Напредувањето на Македонија е во рамките на тие услови, под услов да ја премостиме бугарската блокада, што зависи само од нас. Тоа значи дека итно мора да се отфрли вториот Протокол, вели амбасадорот Никовски во изјава за весникот ВЕЧЕР.

Албанскиот премиер, Еди Рама, објави дека Европската Унија официјално ѝ даде зелено светло на Албанија за отворање на последното преговарачко поглавје, посветено на земјоделството, руралниот развој и кохезионите политики.

– Албанија не запира, порача Рама на социјалните мрежи, откако Комитетот на постојани претставници на ЕУ ја овласти Данска, како земја претседавач, да ја покани Албанија да ја претстави својата финална преговарачка позиција за Групата „Поглавје 5 – Ресурси, земјоделство и кохезија“.

Реагираше и претседателката на албанскиот парламент, Елиса Спиропали.

– Собранието ќе продолжи максимално да ја поддржува презентацијата на преговарачката позиција и напорите, придонесите и инвестициите за одржлив рурален развој, модернизацијата на земјоделството и социјалната и територијалната кохезија на Албанија, напиша Спиропали на социјалните мрежи, додавајќи дека Парламентот ќе ја интензивира парламентарната дипломатија за да ја постигне националната цел за „Албанија 2030 година во ЕУ“.

Македонија беше првата држава од Западен Балкан која доби кандидатски статус уште во 2005 година. Албанија подоцна влезе во процесот, во сенка на македонскиот напредок. Долги години, Скопје беше посочуван како пример за реформски напредок и стабилност во регионот. Но, блокадите – прво од Грција, а потоа и од Бугарија – ја доведоа земјата во позиција на заложник на билатерални спорови, без системско решение од страна на ЕУ.

Во 2020 година, против волјата на Македонија, Европската комисија ја стави во „пакет“ со Албанија, условувајќи го почетокот на преговорите заедно. И покрај тоа што Македонија прва ги исполни сите предуслови, двете земји ја отворија првата меѓувладина конференција во 2022 година. Но, во следните фази, Албанија беше одвоена и ѝ беше дозволено да напредува побрзо, додека Македонија беше вратена назад во чекалницата на историјата.

Проблемот за Македонија денес не е ниту во техничката подготвеност, ниту во реформскиот капацитет, иако Брисел ни забележува и на нецелосното исполнување на бараните реформи. Главниот камен на сопнување се билатералните барања, овој пат уставните измени поврзани со бугарското малцинство, што е услов за продолжување на скрининг-процесот. Без нив, преговорите де факто се замрзнати.

Од друга страна, Тирана не се соочува со вакви блокади. Резултатот е очигледен – Албанија го отвора финалното преговарачко поглавје, додека Македонија сè уште го анализира првото. И покрај исцрпувачки долгиот престој во ЕУ-чекалницата на земјава, европската перспектива сè уште ужива висока поддршка од граѓаните. (В.С.Н.)

 

ИЗДВОЕНИ