– Настанот претставува ретка можност за софиската публика да се сретне со авторка чиј научен и творечки опус остава длабока трага на македонската и на балканската културна сцена. Таа повеќе од четири децении е активен и ангажиран глас на полето на книжевната критика, компаративната наука, културолошките студии и современата есеистика – кажа директорот на Македонскиот културно-информативен центар, проф. д-р Зоран Пејковски
Вистински културен дијалог меѓу македонската мисла и бугарската публика – дијалог што се темели на заемна почит, љубопитност и на вреднување на книжевниот израз се случи на неодамнешната промоција на делата на „Од личен агол“ и „Книга 2020“ на истакнатата македонска авторка и научничка, проф. д-р Елизабета Шелева, во Македонскиот културно-информативен центар во Софија.
Овој настан, кој уште еднаш го потврди значењето на оваа институција како живо и активно јадро за промоција на македонската култура надвор од границите на државата, која веќе неколку години последователно и енергично работи на афирмација на македонската култура во Бугарија преку бројни книжевни, ликовни, музички и мултимедијални проекти, го отвори директорот на Македонскиот културно-информативен центар, проф. д-р Зоран Пејковски.
Настанот беше збогатен и со присуството на бројни гости, писатели, научници, пријатели на Македонија, како и со претставници на дипломатскиот и на културниот живот во Софија.
– Настанот претставува ретка можност за софиската публика да се сретне со авторка чиј научен и творечки опус остава длабока трага на македонската и на балканската културна сцена. Таа повеќе од четири децении е активен и ангажиран глас на полето на книжевната критика, компаративната наука, културолошките студии и на современата есеистика. Позната е по својот прецизен, аналитичен и прониклив стил. Нејзините рани есеи и критики се печатени не само во Македонија туку и во еминентната југословенска периодика, а нејзиниот авторитет е признаен и надвор од границите на татковината, каде што била визитинг професор и соработник на бројни универзитети и институции. Промоцијата на книгите претставува прозорец кон мислата на авторка, која со своето дело неуморно ги истражува современиот човек, јазикот, книжевноста и културата. Станува збор за две книги што зборуваат интимно, аналитично и ангажирано, како од личен агол така и од аголот на едно повисоко културно и општествено сознание – истакна Пејковски.
Пред присутните се обрати и амбасадорката на Република Македонија во Бугарија, Агнеза Руси-Поповска, која ја истакна важноста на ваквите настани за унапредување на културниот дијалог, а особено ја нагласи значајната улога на културната дипломатија во градењето мостови на разбирање и соработка. Таа го поздрави присуството на проф. Шелева како врвен интелектуалец и истакна дека преку нејзиното дело се афирмираат не само современите литературни текови туку и вредностите на критичката мисла, слободата на изразот и културната отвореност.
Во центарот на вниманието беа двете книги на проф. Шелева – „Од личен агол“ и „Книга 2020“, кои преку форма на есеј и критички фрагмент истражуваат прашања за литературата, општеството, родовата перспектива, медиумите, културната меморија и за трансформацијата на јазикот во современиот свет. Во овие книги, личното не е исклучиво интимно, туку и одговорно, аналитичко, често ангажирано, личен агол што се претвора во колективна рефлексија.
Промоторката и врвна литературна критичарка и беседник, проф. д-р Кристина Николовска, во своето излагање, пак, направи длабока и чувствителна анализа на делата, нагласувајќи ги хибридната природа на есејот како жанр и способноста на Шелева да ги комбинира книжевното, научното и херменевтичкото во стилски, автентично и концептуално писмо.
Модератор беше Михајло Свидерски – писател, преведувач и издавач, кој со мотивирачки разговор поттикна дијалог и интеракција со авторката и со публиката, отворајќи теми за улогата на критиката во нашето време, за перцепцијата на македонската книжевност во регионален контекст и за прашањето што значи да се биде гласноговорник и критичар со став.
Во своето обраќање, проф. д-р Елизабета Шелева сподели искуства од својот повеќедецениски пат како истражувач, професор, колумнист и промотор на современите културни текови. Таа зборуваше за потребата од постојано критичко преиспитување, за предизвиците на пишувањето во мали култури, како и за врските меѓу македонската книжевност и европскиот културен простор. Нејзиното присуство во Софија беше дочекано со голема почит, а нејзиниот глас беше слушнат со внимание и отвореност.
Како завршен и симболичен чин на вечерта, на сите учесници им беа врачени благодарници под наслов „Мостови на културата“, во знак на признание за нивните особен придонес, поддршка и афирмација на македонската култура во странство. Овој чин, искрен и достоинствен, беше потсетување дека културата не познава граници, таа гради мостови, отвора простори и создава заеднички вредности.
Настанот заврши во духот на дијалогот, соработката и на почитта, вечер што уште еднаш покажа дека книжевноста, кога ќе развие синергија со публиката, може да зборува јасно, длабоко и долго.