Стефанија Пирганоска е медицинска сестра од Прилеп, која во потрага по лек за своите деца, почнала да се занимава со одгледување магарици и со продажба на млеко од нив. Откако почнале да го пијат млекото, децата престанале да се разболуваат. Кога видела дека навистина помага млекото и лекува од многу болести, почнала да го продава. Вели дека не се заработува многу, но дека може да се извади една плата месечно. Литар млеко од магарица чини 3.500 денари, а едно шишенце од 50 милилитри, кое го продава како лек, чини 175 денари. Освен млеко, прави и сапун, кој помага во лекувањето на многу кожни болести

На фармата на Стефанија има осум магарици и кај неа доаѓаат луѓе од цела Македонија и од странство, кои бараат алтернативни начини за лекување на кожните и на респираторните болести. Пирганоска раскажува за весникот ВЕЧЕР дека кога почнала, немала никакво искуство со чувањето магариња, но имала голем мотив – да најде лек за децата, кои биле болни од алергија и од астма. Преку Интернет се информирала за здравствените придобивки од млекото од магарица, кое потоа почнала да го продава на други што имале здравствени проблеми.

– Почнавме пред околу шест години, кога купивме неколку магарици. Магариците што ги купувавме од цела Македонија беа стари, изнаработени и изнемоштени. Една магарица чинеше 4.000 денари и помалку, во зависност од тоа во каква состојба беше. Дадовме околу 3.000 евра за сите осум магарици што ги купивме. Откако разбраа за здравствените придобивки од млекото од магарица, многумина почнаа да ги одгледуваат и им порасна цената. Сега магариците се продаваат од 250 евра, па нагоре – вели Пирганоска.

На почеток, како што вели, имале само 15 декари земја, која ја посеале со детелина за магариците. Магариците ги чува на простор од 35 декари, кој е заграден, каде што престојуваат тие и пасат трева. Само напролет пасат зелена трева, а потоа се хранат со сено и со слама. Пирганоска вели дека одгледувањето магарици е напорна работа. Тревата треба да се коси, да се балира, да се складираат балите…

– Почнав да ги одгледувам магариците поради децата. Имам три деца, кои имаа алергија, која потоа премина во астма и постојано беа болни. Почнав да барам алтернативни начини на лекување, бидејќи не сакав да ги трујам со антибиотици. В очи ми падна една статија за млекото од магарица – дека е многу здраво и оти и Новак Ѓоковиќ го користел за подобар имунитет. Така почнав да се интересирам за одгледувањето магарици – раскажува Стефанија, која има 29 години.

Таа вели дека дневно се добиваат од 700 до 800 милилитри млеко од една магарица. Лактацијата кај магариците е од седум до осум месеци и постепено се намалува. Така, кога ќе дојде до 50 милилитри дневно, прекинува со молзењето. Откако го носи плодот и ќе се опрли, повторно има млеко и продолжува со молзењето по три недели. Во моментов, дневно добива околу 1,3 литри млеко од магарица, кое го продава во мали шишенца од по 50 милилитри.

– Откако почнаа да го пијат млекото, децата престанаа да се разболуваат. Кога видовме дека млекото од магарица дава резултати, почнавме да го нудиме за продажба. Има периоди кога воопшто не се купува, но има и периоди кога се бара многу. Кога останува млеко, од него правам сапун со маслиново и со кокосово масло. Овој сапун се користи за лекување егземи, едеми, псоријаза и за други кожни болести – вели Пирганоска. 

Важно е да се истакне дека млекото од магарица е богато со омега 3 масни киселини, го подобрува имунитетот и лекува дури и од оние болести каде што не помага медицината.

– Млекото од магарица е природен лек и децата што имаат астма, бронхитис, пневмонија и други респираторни болести, брзо оздравуваат. Количината за деца до 10 години е 50 милилитри дневно, но треба да го пијат во континуитет – додава нашата соговорничка.

Литар млеко од магарица чини 3.500 денари, а едно шишенце од 50 милилитри – 175 денари. Пирганоска вели дека прави сирење само за дома и не го продава, бидејќи е скапо и чини 90 илјади денари за килограм.

– Веќе ме знаат и имам редовни муштерии не само од Македонија туку и однадвор. Млекото го продавам како лек, во мали шишенца од по 50 милилитри. Од продажбата на млеко немам некоја голема заработувачка, но се вади по една плата месечно – вели Пирганоска.

Млекото од магарица е поздраво кога се консумира во свежа состојба, бидејќи кога ќе се свари, во голема мера ги губи своите карактеристични лековити својства. Несвареното млеко од магарица може да стои три дена во фрижидер и три месеци во замрзнувач без да се расипе.

Години наназад, домашното магаре во Македонија беше пред исчезнување. Но, откако почна да зборува светот за придобивките од млекото и за неговата висока цена на пазарот, многу домаќинства од руралните средини повторно решија да чуваат магарици. По хемискиот состав, млекото од магарица е најблиско до човечкото – хуманото.

Млекото ги лекува или ги ублажува симптомите на астма, кашлица, бронхитис, воспаление на цревата, алергии, кожни болести, а значително влијае и врз зголемување на имунитетот. Се препорачува и за новороденчињата наместо замените на мајчино млеко со млеко во прав или други видови млеко, особено за децата што се алергични на млеко. Непреработено се користи и во козметиката за лекување егземи, псоријаза и за разубавување, како ладна маска за кожата.

Млекото од магарица се користи исклучиво термички необработено. Какво било загревање ги уништува неговите својства. Дневно се пие по еден децилитар, во повеќе наврати.

Доаѓа време кога нема да се користат магариците само како пренесувачи на товар и за други работи во земјоделството. Наскоро тие ќе бидат привилегирани и од нив ќе се чекаат само нов приплод и млеко, кое е скапо и барано на пазарот.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ