Јавното претпријатие „Лајка“ оваа година одбележува пет години постоење и хумана мисија во грижата за бездомните кучиња во градот Скопје. Оттаму порачуваат: „На петтиот роденден на ЈП „Лајка“, не ни требаат подароци, ни требаат луѓе. Луѓе што ќе вдомат, ќе дојдат, ќе прегрнат и ќе го почувствуваат пулсот на хуманоста што ја градиме заедно“.
По повод петтиот роденден на „Лајка“, утре од 11:00 до 13:00 часот, во кафе-барот „Собрание” (улица „Даме Груев“, број 3) ќе се одржи роденденска прослава, на која се поканети сите љубители на животни, пријателите и соработниците на претпријатието.
Настанот ќе биде исполнет со богата програма и со активности, меѓу кои: изложба на кучиња што бараат дом, натпреварувачка изложба на миленици во категориите: најубава женка, најубав мажјак, куче и дете, изложба на ученички цртежи од ООУ „Кирил Пејчиновиќ” и ООУ „Христијан Тодоровски-Карпош”, креативна работилница со „Шепализа”, избор на најсмешна фотографија.
Ќе има и роденденска торта, музика и дружење со вдомените и со сегашните штитеници на „Лајка“.
– Со настанот, ЈП „Лајка“ сака да потсети дека секое куче заслужува љубов, грижа и дом и дека хуманоста започнува со мал чекор: со одлуката да се помогне – потенцираат од претпријатието.
Притоа, од претпријатието велат дека „Лајка“ е живо сведоштво дека и во ограничени услови – со труд, посветеност и заедничка волја може да се создаваат успеси, среќни судбини и вистински промени.
Во изминативе години ја трансформиравме „Лајка“ во институција што покажува дека системот може да биде и хуман, транспарентен и посветен на секое живо суштество, наведуваат од претпријатието.
Оттаму додаваат дека и покрај значајниот напредок, останува уште многу работа, особено во делот на регулирањето на одговорното сопствеништво.
– Без јасна и строга законска рамка, проблемот со напуштените кучиња не може трајно да се реши, затоа што секојдневно гледаме нови животни на улиците и повторно се враќаме во круг – наведуваат од „Лајка“.
По повод петгодишнината, „Лајка“ ги сподели и петте симболични роденденски желби на кучето, како порака за сите граѓани – секое куче да има свој дом; да нема повеќе гладни, болни и заборавени животни, затоа што хуманоста не е луксуз, туку обврска; да се знае дека секој живот вреди, бидејќи нема „куче скитник“, туку само живи суштества со чувства и љубов; да бидеме општество кое не убива, туку решава со систем што лечи, вдомува, едуцира и обединува; да веруваме во добрината, бидејќи секое вдомено куче е доказ дека љубовта може да се најде дури и по долг престој зад решетки.
– На петтиот роденден на ЈП „Лајка“ не ни требаат подароци, ни требаат луѓе. Луѓе што ќе вдомат, ќе дојдат, ќе прегрнат и ќе го почувствуваат пулсот на хуманоста што ја градиме заедно – порачуваат од претпријатието.
Оттаму додаваат дека во изминатите пет години, ЈП „Лајка“ се посветила на создавање системско, хумано и одржливо решение за проблемот со бездомните кучиња во градот.
– Нашата мисија не е само спасување, згрижување и вдомување на животните туку и подобрување на заедничкиот животен простор, бидејќи вдомувањето не е само хуман туку и општествен, комунален, едукативен и превентивен процес. Секое вдомено куче значи едно животно помалку на улица, помалку ризици за граѓаните и почиста, побезбедна и похумана урбана средина. Вдомувањето претставува суштински дел на решението за прекубројноста на бездомните кучиња – дел што директно го поврзува човекот со заедницата и со неговата одговорност кон неа – потенцираат од ЈП „Лајка“ по повод одбележувањето на петгодишнината од формирањето.
Со одбележувањето на петгодишнината, како што велат, сакаат да го прослават успехот што го постигнале досега, но и да ја потврдат посветеноста кон иднината – кон град без страдање и без бездомни животни.
– Нашата цел е да ги зголемиме свеста, солидарноста и активното учество на граѓаните, институциите и на образовните заедници во процесот на решавање на овој предизвик. Особено внимание ѝ посветуваме на инклузијата на децата и на младите, бидејќи токму тие се идните носители на промената. Преку едукација, креативност и непосреден контакт со животните, тие учат за сочувството, одговорноста и за важноста на хуманите вредности. Ним им останува општеството, кое ќе го градат, општество во кое секое живо суштество има свое место и почит – велат од ЈП „Лајка“.
Од претпријатието веруваат дека решението е во заедништвото: во поврзаноста меѓу човекот, животното и заедницата.
– Нашата петгодишнина е потсетник дека вистинската промена започнува со секое вдомено куче, со секој едуциран граѓанин и со секое дете што ќе научи да сака и да се грижи – нагласуваат од ЈП „Лајка“.