Според француското Министерство за култура, целта биле две витрини во кои се чува накит од колекциите на француските кралици и царици. – Осум парчиња накит беа исчезнати, вклучувајќи тијари и ѓердани од кралските колекции – соопшти Министерството, кое го обелодени и списокот на накитот што е украден

 

Музејот „Лувр“ во Париз деновиве беше место на еден од најневеројатните и најдрски грабежи во целата неговата историја. Група неидентификувани крадци завчераутро провалиле во галеријата „Аполо“, каде што е изложен кралски накит, при што биле украдени осум парчиња со непроценлива историска вредност. Крадците, вооружени со електричен алат, го украле накитот за помалку од седум минути, и тоа среде бел ден (9:30-9:40 часот).

Според француското Министерство за култура, целта биле две витрини во кои се чува накит од колекциите на француските кралици и царици од 19 век.

– Осум парчиња накит беа исчезнати, вклучувајќи тијари и ѓердани од кралските колекции – соопшти Министерството. Деветтиот предмет, круната на царицата Евгенија, која „Лувр“ ја опишува како „симбол на сјајот на Второто Царство“, сепак, беше зачуван. Се смета дека крадците го загубиле додека бегале. Круната подоцна беше пронајдена во близина на музејот, заедно со нејзината кутија, но оштетена.

Според информациите објавени од париската обвинителка Лаура Бекуо, четворицата крадци пристигнале со сопствена опрема, вклучувајќи мобилен кран монтиран на возило, кој го користеле за да се искачат до прозорците на галеријата. Тие сами го влечеле кранот, само неколку минути пред да извршат кражба. Потоа им се заканиле на чуварите, кои ги евакуирале просториите, по што ја извршиле кражбата.

Бандата се обидела да го запали возило паркирано пред музејот, но била спречена со интервенција на вработен во музејот – се додава во соопштението.

Крадците потоа избегале со скутери, носејќи го богатиот плен.

Француското Министерство за култура потврди дека се украдени осум предмети, а откриен е и детален список на скапоценостите.

Што сè е украдено

Пленот, кој историчарите го нарекуваат „непроценливо парче од француската историја“, вклучува скапоцености од неколку кралски колекции. Сите се од 19 век. Од колекцијата на Мари-Луиз, сопруга на Наполеон Бонапарта, украдени се ѓердан и пар обетки со смарагди. Од колекцијата на кралиците Мари-Амели и Хортенза плен беа тијара, ѓердан и пар обетки од сетот со сафири, а исчезна и накитот од колекцијата на царицата Евгенија, сопруга на Наполеон Трети – два броша (од кои едниот е реликвијар), декоративен јазол за корсет и тијара.

Според извори блиски до истрагата, крадците се обиделе да ја земат и круната на сопругата на Наполеон Трети, царицата Евгенија, но ја испуштиле во брзањето.

Круната, која е висока 13 сантиметри и широка 15 сантиметри, содржи дури 1.354 дијаманти, 1.136 розети и 56 смарагди.

Ја изработил познатиот париски јувелир Александар-Габриел Лемоние за Светскиот саем во 1855 година.

Овие парчиња се украсени со илјадници дијаманти и со други скапоцени камења.

 

Галеријата „Аполо“ е затворена, истрагата е во тек

„Лувр“ ја затвори галеријата „Аполо“ до понатамошно известување и започна внатрешна безбедносна проверка. Француската полиција спроведува масовна потрага, а истрагата е водена од Единицата за борба против организиран криминал.

 

И покрај тоа што е пронајдена круната, осум од украдените скапоцености остануваат во рацете на крадците. Властите предупредуваат дека нивната продажба на црниот пазар би била речиси невозможна поради нивната препознатливост и историската важност, но постојат стравувања дека би можеле да бидат расклопени и стопени за да се прикрие нивното потекло.

 

Француската јавност со нетрпение ги очекува првите резултати од истрагата, а додека детективите ги бараат сторителите, „Лувр“ се соочува со еден од најтешките моменти во својата понова историја.

ИЗДВОЕНИ