Главните аеродроми во Осло и Копенхаген беа повторно отворени откако беа принудени да ги затворат своите врати поради прелет на дронови во нивна близина, што предизвика доцнења и откажувања на летови неколку часа во понеделникот и рано утрово во вторник.
Воздушниот простор над аеродромот во Копенхаген беше затворен околу 20:30 часот по локално време откако беа забележани два до три „неидентификувани“ дронови во областа, изјави портпаролот на аеродромот. На летовите не им беше дозволено полетување или слетување. Полицијата ги опиша дроновите како „големи“.
Дроновите сè уште беа околу аеродромот до 23:17 часот по локално време, соопшти аеродромот на X.
„Не е познато од каде дошле дроновите или каде летале“, рече заменик-полицискиот инспектор Јакоб Хансен. Данската полиција објави дека ќе „спроведе голем број мерки“ како дел од истрагата, но не потврди кои точни мерки ги разгледува.
Аеродромот беше повторно отворен околу 00:20 часот по локално време.
На прашањето на новинарите дали дроновите се од руско потекло, Хансен рече дека не може ниту да потврди ниту да негира.
Претходно, летовите од данската престолнина беа откажани или одложени, а дојдовните летови беа пренасочени кон други аеродроми во Данска, додека некои беа испратени во Гетеборг и Малме во Шведска, според соопштението на аеродромот.
Footage published earlier tonight by Norwegian state media, claiming to show one of the large, unidentified drones that shutdown Copenhagen Airport in Denmark for several hours on Monday. pic.twitter.com/IeosEuRd7n
— OSINTdefender (@sentdefender) September 23, 2025
„Постојат неколку индикации дека дроновите што го затворија аеродромот во Копенхаген доцна синоќа биле контролирани од многу способен оператор“, изјави данскиот полицискиот инспектор Јенс Јесперсен, пренесе Berlinskge.dk.
Портпаролот на полицијата во Копенхаген изјави дека немало апсења и дека истрагата е во тек.
Во објава на социјалните мрежи, украинскиот претседател Володимир Зеленски спомена „руско кршење“ на воздушниот простор на НАТО во Копенхаген на 22 септември, но не даде извор на информациите, објави Би-Би-Си.
Во Норвешка, воздушниот простор над аеродромот во Осло беше затворен во вторник наутро поради прелет на дрон. „Ова значи дека дојдовните летови сега се пренасочуваат кон најблискиот аеродром“, изјави за Си-Ен-Ен менаџерката за комуникации Моника Ирен Фастинг.
Полицијата го истражува инцидентот, додаде таа, пренесе Net.hr.
Аеродромот во Осло повторно се отвори околу 3:22 часот по локално време (20:22 часот источно време), објави Ројтерс, повикувајќи се на портпарол на норвешкиот оператор на аеродромот „Авинор“.
Полицијата во Осло претходно соопшти дека уапсила двајца странски државјани за летање со дронови над забранета зона. Немаше индикации дека инцидентот е поврзан со настаните во Копенхаген. Норвешките медиуми објавија дека дроновите летале над тврдината Акерсхус, средновековен замок кој понекогаш се користи за владини настани.
Европа е во состојба на зголемена готовност откако руските дронови го нарушија воздушниот простор на Полска и Романија претходно овој месец, што ги поттикна сојузниците на НАТО да се заложат за зајакнување на одбраната на источниот дел од блокот. Во моментов нема индикации дека активноста на дронови во Данска и Норвешка во понеделник е поврзана со инцидентите во кои е вклучена Русија.