Со воведувањето на новите линии до Палермо и до Алгеро, Скопскиот аеродром ја проширува својата мрежа и овозможува поголема флексибилност за патниците во летната сезона. Очекувањата се дека сезонските линии ќе ги зголемат посетеноста и бројот на туристи, без потреба од државни субвенции. Истовремено, ТАВ Македонија и „Визер“ ја потврдуваат посветеноста на пораст и на иновации, обезбедувајќи директни врски со атрактивни европски и медитерански дестинации

Со две нови директни авиолинии кон Италија, од јули, значително ќе се прошири понудата на летови од меѓународниот аеродром „Скопје“ и се очекува тоа дополнително да го зголеми бројот на патници и бројот на туристи во летната сезона. Станува збор за сезонски линии до Палермо и Алгеро, кои ќе се реализираат во екот на туристичката сезона и без државни субвенции, како показател за зголемен комерцијален интерес на авиокомпаниите.

Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, објави на „Фејсбук“ дека летовите до Палермо ќе започнат на 15 јули, а до Алгеро на 18 јули.

– Уште две нови авиолинии од Скопскиот аеродром! Убави вести за сите што сакаат да патуваат, како и за сите што сакаат да ја посетат Македонија – напиша Николоски, додавајќи дека новите линии на „Визер“ ќе придонесат за натамошен пораст на авиосообраќајот.

Тој потсети дека во 2025 година, Скопскиот аеродром оствари рекорд со преку 3,2 милиони патници и најави зголемување на фреквенциите на постојните линии, како и базирање на нов авион од типот „ербас А321 нео“.

Од ТАВ Македонија информираат дека летовите до Палермо ќе се реализираат трипати неделно – понеделник, среда и петок, со почетна цена од 29,99 евра, додека линијата до Алгеро ќе сообраќа двапати неделно – вторник и сабота, со цени од 39,99 евра. Двете дестинации ќе бидат достапни до 11 и 12 септември.

Од компанијата посочуваат дека проширувањето на мрежата е дел од поширок план за пораст. Со летниот ред на летање ќе се воведат нови линии од Скопје до Будимпешта и до Неапол, како и од аеродромот „Св. Апостол Павле“ – Охрид до Милано. Во мај, „Аустриан ерлајнс“ ќе започне со летови од Охрид до Виена, а во јуни „Визер“ ќе воведе линии до Катовице и до Вроцлав.

– Со ова проширување не само што ја збогатуваме нашата понуда туку им овозможуваме на нашите ценети патници фантастичен избор на патувања и флексибилност полесно да ги планираат своите патувања. Со воведувањето на низа нови линии, ја потврдуваме нашата посветеност на порастот и на иновациите, отворајќи врати за нови партнерства, културни размени и полесен пристап до динамичните европски пазари. И ако мислевте дека сме застанале – не, ние штотуку започнуваме – вели Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија и додава дека продолжуваат да се развиваат како значаен транспортен центар што отвора нови можности за патување и соработка.

Новите маршрути до Палермо и Алгеро овозможуваат директна поврзаност со атрактивни медитерански дестинации, а ТАВ наведува дека со ова продолжува стратегијата за јакнење на европската поврзаност и развој на туризмот и бизнисот.

Од „Визер“ посочуваат дека новите линии ја потврдуваат нивната стратегија за проширување на мрежата од земјава и обезбедување повеќе директни врски со европски дестинации. Авиокомпанијата во 2025 година реализирала преку 10.000 летови од и кон земјата, со речиси 2 милиони патници и висока стапка на редовност од 99,48 проценти.

Според последните податоци, меѓународниот аеродром „Скопје“ и аеродромот „Св. Апостол Павле“ – Охрид во јануари опслужиле 289.584 патници на 2.009 летови, што е пораст од 31 процент на патничкиот сообраќај и 10 проценти повеќе летови во однос на истиот месец лани.

Со актуелниот зимски ред на летање, на меѓународниот аеродром „Скопје“ вкупно 15 авиокомпании оперираат летови до 50 дестинации, додека на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, три авиокомпании реализираат летови до осум дестинации.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ