По наредба на Основното јавно обвинителство – Скопје, полицијата ги приведе директорот на Комунална хигиена, Сабахадин Рустеми и уште едно раководно лице од претпријатието. Тие се осомничени за кривично дело по член 230 од Кривичниот законик – загрозување на животната средина и природата со отпад. Само неколку часа претходно, премиерот Христијан Мицкоски ја најави „интересната разврска“ со сметот во Скопје. Според него, институциите веќе се координираат за да се расчисти не само отпадот, туку и одговорноста за создадениот хаос. Во меѓувреме, повеќе скопски општини со поддршка од соседни градови помагаат привремено да се нормализира состојбата со собирањето на отпадот
По неколкунеделниот хаос со сметот во главниот град, проблемот со нефункционирањето на ЈП „Комунална хигиена“ почна да добива драматичен епилог. Како што претходно најави премиерот Христијан Мицкоски, „интересната развска“ на случајот почна да се одвива откако по извршените инспекциски контроли, како што потврдија извори за весникот Вечер, од работното место денеска беа приведени директорот на претпријатието Сабахадин Рустеми и уште едно раководно лице. Основното јавно обвинителство – Скопје потврди дека две лица од раководството на „Комунална хигиена“ се приведени и дека против нив се преземаат дејствија за обезбедување докази за можно кривично дело поврзано со колапсот во собирањето на отпадот, кој последниве недели го парализираше градот.
-По наредба на Основното јавно обвинителство Скопје, полициски службеници преземаат дејствија за обезбедување докази. Приведени се и задржани две лица од раководството на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, во врска со сомненија за кривично дело од член 230 од Кривичниот законик, соопштија од ЈО.
Според членот 230 од Кривичниот законик, осомничените се гонат за загрозување на животната средина и природата со отпад.
Претходно, денеска, премиерот Мицкоски изјави дека проблемот со сметот во главниот град ќе има интересна разврска.
– Мислам дека таму ќе има разврска, која што ќе биде многу интересна да ја следите, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање дали добил конкретни предлози од институциите во врска со решавањето на сметот во главниот град или пак ги чека активностите на Обвинителството, кое минатата недела започна постапка и дејствија за обезбедување докази за евентуално кривично дело во врска со состојбата со отпадот во Скопје.
Мицкоски им се заблагодари на градоначалниците на Велес, Штип, Кавадарци и Куманово за поддршката што ја даваа изминативе денови со механизација за чистење на сметот во Скопје.
– Во следниве денови, вторник, петок и сабота, ќе продолжат и потоа очекувам, откако ќе победи Орце Ѓорѓиевски, кога ќе се примопредаде практично раководењето со градот Скопје, целата работа со сметот да се нормализира. Впрочем, имаме ветувања 72 часа откако ќе го преземе управувањето на Градот Скопје дека сметот треба да биде комплетно исчистен и тоа да биде еден тековен процес, не да биде вест, туку нормална работа на институциите на Градот, рече вчера Мицкоски.
Градот веќе подолг период е буквално преплавен со отпад — контејнерите во многу скопски населби се преполни, а отпадот се остава каде ќе се стигне — на пешачки патеки и улици, особено околу контејнерите, со што се отежнато движењето на граѓаните.
Кандидатот за градоначалник од ВМРО‑ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, кој во првиот круг на локалните избори освои најмногу гласови, порача дека штом стапи на функцијата, во 72 часа ќе го исчисти градот. Тој, како актуелен градоначалник на општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, минатата недела на иницијатива на градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, свика состанок со сите скопски градоначалници, со цел да се најдат решенија за нефункционалноста на ЈП „Комунална хигиена” – Скопје.
– Скопје, за жал, веќе подолг период е претворено во една голема депонија. Иако неколку пати интервениравме во изминатите години, тоа беа само привремени, секундарни интервенции бидејќи општините немаат сопствена механизација, ниту пак ингеренции да ги празнат контејнерите, истакна Ѓорѓиевски и додаде дека во изминатите неколку дена сите градоначалници од скопскиот регион, со поддршка од општествено одговорни компании, се обидувале да го амортизираат хаосот во градот.
Во меѓувреме, Основно јавно обвинителство – Скопје минатата недела соопшти дека треба да се обезбедат докази за евентуално кривично дело во врска со состојбата на отпадот во Скопје. Јавниот обвинител издал наредби до Министерство за внатрешни работи и до други надлежни органи за итно постапување и проверки во однос на работењето на ЈП „Комунална хигиена”. Како што информираа од ЈОРСМ, биле поднесени барања до комуналните инспекциски служби да извршат вонреден инспекциски надзор и да ја констатираат моменталната состојба.
Дополнително, Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи во координација со Државен комунален инспекторат, Државен инспекторат за животна средина, Државен санитарен и здравствен инспекторат и Институт за јавно здравје да извршат вонреден инспекциски надзор во Град Скопје и во ЈП „Комунална хигиена – Скопје“ со цел да се утврди вистинската состојба со отпадот во главниот град и да се преземат соодветни мерки. (В.С.Н.)












