Од Ѓорче Петров кон Крушево тргнува Скопскиот коњички марш, а од Аеродром – коњицата на Здружението „Илинденски марш“

139

Коњаниците на Скопскиот коњички марш, кој е организиран од Здружението на граѓани „Бигорски манастир“, утре од централниот парк во Ѓорче Петров свечено ќе бидат испратени кон Крушево, каде што треба да пристигнат на самиот празник, 2 Август – Илинден.

По тој повод, со почеток во 18:30 часот, во паркот ќе се одржи хепенинг. Коњаниците ќе тргнат од СЦ „Борис Трајковски“ и ќе пристигнат во централниот парк во Ѓорче Петров.

Општина Ѓорче Петров, втора година по ред, е домаќин на Скопскиот коњички марш, кој, традиционално, се одржува во чест на нашите илинденци и големото Крушевско востание.

Овој марш првпат беше организиран во 2010 година.

– Маршот е силен потсетник на борбата за слобода, достоинство и за државност – вредности што не само што ги чуваме туку и им ги пренесуваме на новите генерации – соопштија од Општина Ѓорче Петров.

Традиционално, испраќањето на коњицата на Здружението „Илинденски марш“ – Горно Лисиче ќе се одржи во Горно Лисиче, в недела.

Пандил Стефковски од организацијата на „Илинденски марш“ информира дека во 16:00 часот, коњицата ќе пристигне во ООУ „Гоце Делчев“ во Горно Лисиче, по што, во периодот од 17:00 до 17:30 часот, ќе биде пред споменикот на Јане Сандански во Аеродром, каде што в.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, ќе ѝ го предаде општинското знаме. Потоа коњицата ќе се упати кон црквата „Свети Петар и Павле“ во Горно Лисиче, каде што ќе преспие.

Годинава, коњицата ќе брои 50 учесници, меѓу кои и четири девојки, на возраст од 13 до 60 години.

Од Горно Лисиче, коњицата ќе се упати кон Крушево.

– Втората вечер преспиваме во Велес, третата во Теово, Општина Чашка, потоа во Ропотово, Општина Долнени и на 31 јули пристигнуваме во Крушево. Пред Крушево, се спојуваме со коњаниците од Кичево и од Битола, со кои сме вкупно 100. Во Крушево ќе учествуваме на парадата во градот, но и на главната прослава на 2 Август – Илинден, на Мечкин Камен – информираше Стефковски.     

Генерален спонзор на настанот е Општина Аеродром, додека покровител е претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ