На денот на Армијата да се потсетиме на идејата водилка на сто и десетилјадната антифашистичка војска за слободна Македонија, на тој 18 август 1943 година, кога на Славеј планина борците од неколкуте партизански чети ја создадоа првата народноослободителна војска која стана основа за формирање на државата. Денешните припадници на армијата се наследници на таа антифашистичка генерација чија цел беше слободна држава, секогаш на браникот на зачувување на територијалниот интегритет и суверенитет, на кого граѓаните години наназад им ја положуваат најголемата доверба – македонската војска. Ова беа дел од поентите на државниот и воениот врв на свеченоста по повод 33 години од постоењето на армијата што се одржа во касарната „Јане Сандански“ во Штип. Секој од говорниците го одбележа денот со своите перспективи и визии за македонската војска, инспиративно се издвои врховниот командант, претседателката Гордана Силјановска-Давкова, која нагласи дека блокадата на земјата на евроинтегративниот пат добива карактер на сериозен безбедносен ризик на земјите од Западен Балкан и Европската Унија.
– Денес преку 180 војници под македонско знаме се вклучени во мировните мисии. Живееме во едно несигурно време кога глобалниот поредок е фрагментиран, а европската архитектура е нарушена, конфликтите на Блискиот Исток се продлабочуваат, климатските ризици се зголемуваат. Блокадата на евроинтеграциите добива карактер на сериозен безбедносен ризик на Западен Балкан и ЕУ. Природата на војната се менува, има галопирачка трка во вооружувањето која диктира поголеми инвестиции во одбраната, рече претседателката и нагласи дека треба да се инвестира не само во армијата туку и во инфраструктурата и во капиталните објекти од значење на граѓаните.
– Зошто да не е можен НАТО-клинички центар, кој во мирни услови би им бил на располагање на граѓаните? Или хибриден модел на клинички центар овде во Штип, болница и студентски дом, вакви инвестиции ќе значат препородување на иселениот Источен Регион. Понатаму, зошто да не изградиме НАТО-центар за обука на Криволак, многу од нашите војници имаат знаење кое можат да го споделат со НАТО-припадниците. Од боиштата во Европа станува јасно дека дроновите ќе бидат една од главните технологии која ќе се користи во модерното војување, со поддршка да вложиме во производство на средства за заштита од дронови. Во ова невреме не смееме да губиме време и треба стратешки да ги планираме средствата, порача врховниот командант на армијата, која беше посебно горда бидејќи на прославата одликува три жени. Меѓу нив и најдобрата во класата питомци, потпоручник Анастасија Ѓеровска, која рече дека ќе ја брани татковината со својата лојалност.
„Низ обуката научивме дека честа не се носи само на рамото, туку се докажува со секој чекор. Ќе ја носиме оваа униформа со достоинство и ќе ја браниме татковината со лојалност, ќе бидеме пример за оние што доаѓаат по нас, кажа младата Ѓеровска која е една од 26 потпоручници на новата генерација питомци. Обуката успешно ја завршија и 149 подофицери, а орден од претседателката доби Центарот за обука на питомци и офицери.
Со повлекувањето на војската од југословенската армија во 90-тите, нашата војска почна да се формира одново со скромни и оскудни воени резерви, но со искусни старешини кои несебично го вложија своето знаење во градење на она што денес значи армијата. Првиот регрут беше војникот Панче Јамандиев од Велес. Кон крајот на минатиот век, војската се професионализира, но со стара опрема, за да по воениот конфликт во 2001 година целосно се реформира по НАТО-стандарди. Армијата била отсекогаш еден од најважните столбови на државата, таа е симбол на професионализам, синоним за вредности и принципи која ужива најголема доверба меѓу граѓаните и затоа ја има најважната мисија во државата, а тоа е одбрана на територијалниот интегритет и независноста на државата, нашата мисија е наша светост, кажа генерал-мајор Сашко Лавчински.
– Во моментов, најважната мисија е да се избориме со пожарите што ја зафатија земјава. Триесет војници учествуваат во Јасен, а преку 2.000 секојдневно се справуваат со огнената стихија. Мора да се приспособиме на новите закани, да ги прифатиме новите технологии и постојано да се обучуваме за борбена готовност. Модерното војување кое вклучува сајбер напади и манипулативни информации мора да инвестираме во знаење и технологија. Само подготвена армија е гаранција за суверенитетот, територијалниот интегритет и за мирот во државата, нагласи Лавчински
Министерот за одбрана Владо Мисајловски најави нова опрема за армијата по најмодерните НАТО-стандарди.
– Минатата недела пристигнаа уште 29 нови лесни оклопни возила од американско производство, со што бројот на овој тип возила наменети за македонската Армија се искачи на 67 од вкупно 96 кои се предмет на набавка. Годинава, арсеналот на возила ќе се зајакне и со пристигнување на дел од оклопните возила „страјкер“. Набавуваме и опрема за пешадија како вооружување со мал калибар – автоматски пушки, митралези, фрлачи на гранати, униформи, чизми и сè што е потребно за нашите припадници беспрекорно да ги извршуваат своите задачи. Тука е и АБХО-опремата, како и инженерските машини и опрема. Споменатите артилериски системи „боран“ набавени од сојузничка Турција се веќе дел од армискиот арсенал. Набавуваме и напредна комуникациско-информатичка опрема и опрема за сајбер одбрана и криптозаштита, која е дел од седумте договори кои ги потпишавме со САД од декември минатата година. Во овие договори се вклучени набавки за беспилотни системи, опрема за извидувачките и разузнавачките единици, опрема за специјални сили, лесно пешадиско вооружување, средства за лична заштита и Комплет за контрола на здружен оган – изјави министерот.
Со новиот ребаланс на Буџетот, за војската се издвојува 2% од БДП. Македонија е меѓу првите држави кои планираат ваков процент за опрема и стандарди на армијата. На последниот НАТО-самит, земјите членки се обврзаа тој процент да биде минимум 5, а сукцесивно да се зголеми на 11.
Покрај уставната обврска АРМ за чување на мирот и стабилноста на државата, кога има потреба се става во функција на сопствените граѓани, а тоа се покажа и со учеството во справување на природните непогоди. Низ годините наназад, клучните предизвици на македонската армија беа косовска криза, воениот конфликт од 2001, па сè до мигрантската криза. Армијата, според сите анкети, ја ужива најголема доверба од граѓаните. (П.А.)