Во контекст на зголемените предизвици поврзани со цврстиот отпад, 2026 година се најавува како пресвртна точка за државата во воспоставувањето одржлив систем за управување со отпадот. Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, на настанот „Патеки за вештини и инклузија во секторот за цврст отпад“, организиран од канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), потсети дека регионалниот систем за управување со отпад веќе преминува од концепт во реалност.

– Многу важно е што регионалниот систем за управување со отпад веќе не е само идеја на хартија. Ние веќе градиме инфраструктура, која е основа на овој систем. Затоа 2026 е годината на реална промена. Ова значи крај на импровизациите – истакна министерот Хоџа.

Овој систем е планиран како долгогодишна и одржлива рамка за справување со зголемените количини отпад, кој во изминатите децении се третираше претежно преку локални и неструктурирани решенија. Хоџа потсети дека управувањето со отпадот е поставено како приоритет уште од почетокот на неговиот мандат.

– Немаме повеќе време за привремени решенија. Ни треба траен систем што ќе го штити здравјето на граѓаните. Во градењето на тој систем, од суштинско значење е да имаме работна сила и вештини соодветни на потребите – нагласи министерот.

Анализата на состојбата во земјава покажува дека досегашниот пристап кон управувањето со отпадот бил фрагментиран и често импровизиран. Локалните депонии и несоодветните практики за селекција и третман на отпадот создадоа еколошки ризици и економски загуби. Воведувањето регионален систем значи интегриран пристап, кој ќе комбинира модерна инфраструктура, стандардизирани процедури и дигитални алатки за следење и отчетност.

Министерот Хоџа особено ја потенцираше улогата на европските партнери во овој процес.

– Нашето партнерство со ЕБОР и со Европската Унија не е формалност, туку алатка за решавање реални, децениски проблеми. Управувањето со отпадот денес не е само еколошка тема, тоа е економска можност, прашање на достоинствена работа и социјална правда – рече тој.

Експертите оценуваат дека системот не само што ќе придонесе за почиста животна средина туку ќе отвори и економски потенцијали. Со модерна инфраструктура за селекција, рециклирање и енергетско искористување на отпадот, може да се создадат нови работни места и да се поддржат зелените индустрии. Во таа насока, Хоџа подвлече дека градењето капацитети и вештини на работната сила е клучно за одржливост на системот.

– Управувањето со отпадот мора да стане извор на раст и иновација наместо еколошки проблем. Зелената трансформација мора да се реализира на терен, преку изградба на современа инфраструктура, како единствен пат до почиста животна средина и подобар квалитет на живот за сите граѓани – посочи министерот.

Стратегијата што ја предлага Министерството е фокусирана на трите клучни столба: модерна инфраструктура, обучена и компетентна работна сила и европски стандарди за безбедност и ефикасност. Само со синхронизирани активности на локално, регионално и на национално ниво може да се избегнат ризиците од еколошки инциденти и социјални последици од неконтролираното складирање и третман на отпадот.

Во тој контекст, 2026 година се гледа како година на промени – трансформација од фрагментиран и неефикасен систем во интегриран и одржлив модел. Ова е можност за државата да постави стандарди во согласност со европските регулативи, да го заштити здравјето на граѓаните и да отвори нови економски можности преку зелените технологии и индустрии.

Со активна поддршка на меѓународните партнери и со залагање на националните институции, регионалниот систем за отпад постепено се реализира како примарен механизам за справување со еден од најсериозните еколошки и економски предизвици на денешницата.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ