Железничкото транспортно претпријатие се задолжи кај ЕБОР со 20,9 милиони евра за набавка на електрични локомотиви со резервни делови, а целта е поголем транспорт на стоки и генерирање приходи.
Проектот е дел од стратегијата за модернизација на „МЖ Транспорт“ и за унапредување на сигурноста и на ефикасноста на товарниот железнички сообраќај. Условите на кредитот вклучуваат долгорочен рок на отплата, поволен грејс период и конкурентна каматна стапка, во согласност со одговорното управување со јавниот долг и одржливи јавни финансии.
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека ова е системска обнова на железничкиот сектор, кој долго време бил запоставен.
– До неодамна, „МЖ Транспорт“ немаше ниту една целосно функционална локомотива – нагласи Мицкоски, додавајќи дека проектот е од суштинско значење за економијата, извозот и европската иднина на земјата.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски истакна дека новите локомотиви ќе ја променат сликата на железницата и заедно со постојните ќе го обезбедат целосниот товарен транспорт.
– Новите локомотиви целосно ќе ја променат сликата и со веќе постојните целосно ќе може да го опслужат транспортот – рече Николоски.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, посочи дека заемот е резултат на конструктивни преговори и потврда за довербата на меѓународните финансиски институции во македонските политики.
– Со овој проект инвестираме директно во зголемување на капацитетите и ефикасноста на Железници-Транспорт, воведувајќи и современ ERP-систем, кој ќе овозможи подобро управување со ресурсите и повисоко ниво на корпоративно управување – истакна министерката.
На потпишувањето присуствуваа претставници на ЕБОР, Министерството за транспорт и раководството на ЖРСМ Транспорт. Проектот е пример за интегриран пристап – инвестиција во инфраструктура, институционално и управувачко зајакнување на железничкиот сектор.
(С. Бл.)












