Според Би-би-си, кој е еден од медиумите што учествуваа во истражувачкиот проект, од децата што ја наследиле мутацијата, само мал дел нема да развијат малигна болест во текот на животот. Состојбата е позната како синдром Ли-Фраумени и носи до 90 % шанси за развој на рак, особено во детството, како и на рак на дојката подоцна во животот. Засегнатите лица мора да прават МРИ на целото тело и на мозокот и ултразвук на абдоменот секоја година за да се откријат туморите навреме, а жените често одлучуваат да им се отстранат градите за да се намали ризикот
Шокантна вест дека сперма од донатор со ген што предизвикува рак е искористена за зачнување на речиси 200 бебиња во 14 европски земји, откри истрагата спроведена од 14 европски јавни служби со поддршка на Мрежата за истражувачко новинарство на Европската радиодифузна унија. Според Би-би-си, кој е еден од медиумите што учествуваа во проектот, од најмалку 197 засега познати деца родени од спермата на донаторот некои веќе починале од рак, а мал дел од оние што ја наследиле мутацијата нема да развијат малигна болест во текот на животот. Има сомнежи дека бројот на деца родени од спермата на донаторот е многу поголем, затоа што не се добиени податоци од сите земји.
Анонимниот маж ја донирал спермата уште како студент, почнувајќи од 2005 година, за што бил плаќан и таа се користела цели 17 години. Тој не бил свесен дека пренесува генетска мутација што драматично го зголемува ризикот од рак. Кога донирал, бил здрав и ги поминал сите стандардни проверки за донатори, иако мутацијата на неговата ДНК се случила пред да се роди. Неговиот ген TP53, клучен за спречување клетките да станат канцерогени, бил оштетен. Иако поголемиот дел од телото на донаторот не ја содржи опасната форма на генот, сепак тој е присутен во најмногу 20 % од неговата сперма. Тоа значи дека сите деца зачнати од таква сперма ќе ја имаат мутацијата во секоја клетка од своето тело. Состојбата е позната како синдром Ли-Фраумени и носи до 90 % шанси за развој на рак, особено во детството, како и на рак на дојката подоцна во животот.
– Тоа е ужасна дијагноза. Тоа е многу предизвикувачка дијагноза за семејството, постои доживотен товар на живеење со тој ризик, што е очигледно катастрофално – изјави за Би-би-си Клер Тернбул, генетичар за рак во Институтот за истражување на ракот во Лондон.
Засегнатите лица мора да прават МРИ на целото тело и на мозокот и ултразвук на абдоменот секоја година за да се откријат туморите навреме, а жените често одлучуваат да им се отстранат градите за да се намали ризикот.
Мајка на девојче во Франција што било зачнато со спермата од донаторот пред 14 години, вели дека по повик од Клиниката за плодност во Белгија ја тестирала ќерка си и ја открила ужасната вистина дека ја наследила мутацијата. Доктор Едвиџ Каспер, генетичар за рак во Универзитетската болница во Руан во Франција, изјави: „Имаме многу деца што веќе развиле рак. Некои деца развиле два различни вида рак, а некои веќе починале на многу рана возраст.“
Данската Европска банка за сперма, која ја продавала спермата на 67 клиники за плодност во 14 земји, изрази „најдлабоко сочувство“ до погодените семејства и призна дека спермата била искористена за создавање премногу деца во некои земји. Иако клиники во Велика Британија не купувале од таа сперма, Би-би-си потврди дека „многу мал“ број британски семејства, кои се известени сега, ја користеле во текот на третманот во Данска.
Професорот Алан Пејси од Универзитетот во Манчестер рече дека земјите станале зависни од големите меѓународни банки за сперма и дека половина од спермата во Велика Британија сега е увезена.
– Мораме да увезуваме сперма од големи меѓународни банки, кои ја продаваат и на други земји, бидејќи така заработуваат пари. И тука започнува проблемот, бидејќи не постои меѓународен закон за тоа колку често може да се користи спермата – изјави тој за Би-би-си, додавајќи дека, сепак, не е можна стопроцентна проверка.
Случајот е откриен кога две семејства, чии деца биле дијагностицирани со рак, независно едно од друго контактирале со клиниките за ин витро оплодување. Подоцнежните анализи покажале дека вкупно 23 деца ја наследиле мутацијата, вклучувајќи случаи на леукемија и на Хочкинсова болест. Овој случај, заедно со оној на Холанѓанецот кому судот му нареди да престане да донира откако се родија 550 деца од неговата сперма, повторно ја разгоре дебатата за потребата од построги ограничувања.












