Преку стиховите, на духовит и сликовит начин, писателот Васил Мукаетов во својата најнова книга, „Стапка по стапка, од Дојран до Попова Шапка“, им ја доближува на децата татковината во која живеат. Им овозможува да ги посетат градовите, селата, да се запознаат со природните убавини и знаменитости… и тоа од дома. Тој им ги доближува на генерациите од дигиталната ера книгата и возбудата од прелистувањето на нејзините странци, откривајќи им нови светови
Последниве години, познавачите ја истакнуваат потребата од поквалитетна и посовремена литература за деца. Дел од нив велат дека е потребна и ревитализација на романот за млади и деца, но и поголем поттик на авторите за да пишуваат во овој книжевен жанр.
Токму нашиот реномиран писател, Васил Мукаетов (р. 1942), со својата најнова поетска книга за деца, „Стапка по стапка, од Дојран до Попова Шапка“, уште еднаш покажува дека и покрај својата возраст, е автор што е во чекор со новите времиња. Преку стиховите, на духовит и сликовит начин, тој им ја доближува на децата татковината во која живеат. Им овозможува да ги посетат градовите, селата, да се запознаат со природните убавини и знаменитости… од дома. Тој им ги доближува на генерациите од дигиталната ера книгата и возбудата од прелистувањето на нејзините странци, откривајќи им нови светови.

– Технологијата, покрај сите предности, има и негативно влијание врз времето и навиката на децата да читаат. Сите оние што се околу децата, наставници, педагози, родители и писатели, се битни и влијаат на тоа дали ќе читаат децата повеќе или помалку. Не можеме да оставиме само на нив, тие бараат заштита од многу нешта. Технологијата е посебен проблем, бидејќи го одзема времето и нуди содржини што немаат ништо заедничко со возраста. И затоа, што да се прави? Писателите треба да се трудат да имаат поголема продукција за деца, а не само да има преведена литература. Треба да ја направиме нашата литература за деца што подостапна, а она што го пишуваме треба да биде со јазикот, содржината, атмосферата и амбиентот во кој живее сегашното дете, новини со кои се среќава, кои ги доживува секојдневно… И во ова време на компјутери има голем број деца што читаат и тоа не е така само затоа што јас сакам да сум оптимист. Но, треба да бидеме на јасно, постојат еден збор – „квалитет“ и чувство дека децата се многу способна и љубопитна категорија – посочи, меѓу другото, Васил Мукаетов во едно свое интервју за весникот ВЕЧЕР.
Тој истакнува и дека битката е да им се објаснат на децата одредени термини од современоста, но и да се потсетиме на традицијата, на народното богатство, а тоа им се овозможува и преку стихуваните поговорки од Цепенков, кои ги има вметнато тој и во оваа книга.
– Васил Мукаетов е еден од оние што постојано се обидуваат да го фатат ритамот на новото дете, но и да му (рас)каже, да му отпее на тоа ново дете и за детето од времето на неговите родители, на неговите учители, на неговите баби и дедовци. Најновата стихозбирка е пишувана во времето кога со радост се тргнуваше на пат низ Македонија, кога си ја познававме нашата Македонија. Така Мукаетов започнува еден дијалог со новото дете и, како мудрец од сказните, започнува да му дошепнува за сите скриени катчиња од оваа наша земја. Ова е магичниот пат низ Македонија изоден преку 90 песни – вели проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска за стихозбирката на Мукаетов.
А, тој пишува и за големите синови јунаци (како во „Просветителите“), за убавите реки и езера („Вардар“, „Матка“, „Радика“), за тајните на манастирите, за планините, селата и градовите… за делниците и празниците, но и за некои „старски работи, веќе заборавени“, како во песните „Се возиш со чезата“ или „Битолските пајтони“.
Инаку, Мукаетов е автор на над 20 книги, меѓу кои „Ти реков, ми рече“ (1995), „Ние дома“ (2003), „Поглед со двоглед“ (2005), „Ај погоди“ (2011), „Скокни прескокни – второ лектирно издание“ (2018), „Мариовски сказни – Пејови приказни“ (2020), „Има ли страна петта“ (2022), „Дотаму-доваму, натаму-наваму“ (2025), „Стасај ме ако можеш“ (2025). (Д. Т.)












