Само дел од сомнежите за злоупотреби со ИПАРД-фондовите за кои со години зборуваат земјоделците, се потврдија по последната акцијата на полицијата и на Обвинителството за организиран криминал и корупција. Се нуделе и прифаќале пари во кеш да се замижи пред неисполнувањето на условите на фирмата од Струшко за производство на леб. Дел од медиумите посочија дека поранешен министер за локална самоуправа стоел зад фирмата што го нудела митото, во замена за директорскиот потпис на договорот за добивање средства преку ИПАРД-програмата. Токму првиот човек на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството е меѓу петтемина уапсени за поткуп, кај Илија Стоилев, кој е на чело на општинската организација на ВМРО-ДПМНЕ во Свети Николе, полицијата пронашла 400 евра бележани пари, во истрагата на Обвинителството. Тие пари биле само мал дел од ветените 50.000 евра што требало да ги добие, а во коруптивниот канал учествувале и даночник од скопската Управа за јавни приходи, службеник во Министерството за земјоделство и уште еден посредник.
– Првоосомничениот Џ. Ф. (77) сторил продолжено кривично дело давање поткуп и кривично дело давање награда за противзаконито влијание, додека три лица А. Ф. (44), Ј. К. (35) и И. С. (57), како посредници, го сториле кривичното дело примање награда за противзаконито влијание, а Д. Д. (47) сторил продолжено кривично дело примање поткуп – соопштуваат од Обвинителството за организиран криминал и корупција.
Митото било договарано од февруари годинава до денот на полициската акција, односно до четвртокот. Првоосомничениот, преку даночникот и службеникот од земјоделство, дошол до директорот. Двајцата уапсени службеници ги искористиле своето реално влијание и својата положба, побарале и го поттикнале директорот на Агенцијата да изврши криминал, велат од ОЈОГОКК.
– Иако правното лице на првоосомничениот не ги исполнувало условите предвидени во јавниот повик бр.01/24 за доставување барања за користење средства од ИПАРД- програмата за мерката 3, директорот, по применото ветување за подарок од значителна вредност, во износ од 50.000 евра, потпишал договор за користење финансиски средства со правното лице и притоа примил дел од паричните средства во износ од 400 евра, кои, при претрес, се пронајдени и одземени. При извршени претреси на други локации, пронајдени се парични средства во значителна вредност –објавуваат истражните органи МВР и ОЈОГОКК.
Според достапните документи за ИПАРД-програмата, мерка 3, барателот може да аплицира за добивање од 10.000 евра до 4,5 милиони евра за инвестицискиот проект. Колку средства ќе му бидат одобрени, меѓу другото, зависи од големината на претпријатието, односно од бројот на вработени и од приходите што ги остварува. Од увидот на работата на првоосомничениот, може да се види дека станува збор за микропретпријатие од 2008 година. Агенцијата, за чиј директор е побарана мерка притвор, ги прима и обработува апликациите, спроведува контрола и ја врши исплатата на пари од европските фондови за рурален развој, во согласност со европските правилници.
Кога е фатен директорот на државната институција и кадар на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Стоилев, со обележани банкноти за мито, јасно е дека корупцијата во земјоделството цвета, обвинија од опозицискиот СДСМ и прашаа дали по овој коруптивен скандал, ќе има оставка од министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски
– Година и пол се зборува дека се бараат провизии, дека се задржуваат предмети, дека службениците трпат притисоци. Сега тоа доби потврда со раце фатени во криминал. Додека земјоделците чекаат исплати, парите од ИПАРД и субвенциите завршуваат во рацете на партиски рекетари и мора да има одговорност за тоа, од сите – обвинија од СДСМ.
Прашан за апсењето на директорот на платежната агенција, премиерот Христијан Мицкоски вчера рече дека нема да се толерираат девијантни појави.
– Сум го кажал тоа многу пати во минатото и ќе го повторам дека нема да се толерира тоа. Знаете, во минатото имавме уште неколку вакви случаи, меѓу другото ќе го потенцирам и случајот со директорот на Геријатрија и слично и ги повикувам сите граѓани, бизнис-заедницата и другите засегнати, доколку се жртва на ваков вид однесување на кој било, да го пријават. Ги охрабрувам да го пријават, затоа што нема поголема штета за едно општество од ваков вид девијантно однесување – потенцира Мицкоски.
Злоупотреби, обиди за барање мито, протекции, се коментарите на земјоделските здруженија со кои контактираше весникот ВЕЧЕР, по акцијата на МВР и на Обвинителството во која директорот што го става последниот потпис за европски пари е фатен на дело. Бараат поголема контрола, бидејќи има случаи како им се одобруваат средства на исти комбинати и по повеќе пати. Земјоделците укажуваат и на една, како што велат, негативна појава, односно по секој јавен повик, набавувачите ја зголемуваат цената на механизацијата што треба да ја купи земјоделецот преку ИПАРД-фондот. (П. А.)












