Ова одморалиште се наоѓа во прекрасна природа, на падините на Скопска Црна Гора, веднаш до манастирот „Свети Никола“. Но, за жал, државата не нашла начин досега да го обнови и повторно да го стави во функција. Оние повозрасните се сеќаваат дека оделе во овој објект на настава во природа, по неколку дена, кога организирале и игранки и поради тоа жалат што повеќе не е во функција и никој не се нафатил да го реновира. Други, пак, велат дека го поминале првиот зимски распуст, и тоа во прво одделение, токму во ова одморалиште. Од Министерството за социјална политика, демографија и млади информираат дека бил направен обид да се легализира детското одморалиште во Љубанци, со цел да се стави во функција, но поради правна пречка, постапката не била реализирана. – Објектот, кој се води како детско одморалиште, се наоѓа на земјиште во сопственост на МПЦ – кратко одговорија од надлежното Министерство

Детското одморалиште „Страхил Андасаров“, кое се наоѓа во селото Љубанци, е оставено на забот на времето и пропаѓа. Она што останало од него се искршени прозорци, ѕидови што се распаѓаат, малтер што се рони, раскопан паркет, уништен и украден инвентар, запуштен двор, но и сеќавања на повозрасните, кои поминувале убави денови во него.

Ова одморалиште се наоѓа во прекрасна природа, на падините на Скопска Црна Гора, веднаш до манастирот „Свети Никола“. Но, за жал, државата не нашла начин досега да го обнови и повторно да го стави во функција. Оние повозрасните се сеќаваат дека оделе во овој објект на настава во природа, по неколку дена, кога се организирале и игранки и поради тоа жалат што повеќе не е во функција и никој не се нафатил да го реновира.

Други, пак, велат дека го поминале првиот зимски распуст, и тоа во прво одделение, токму во ова одморалиште. Трети, пак, прашуваат зошто не се грижи државата за него и од готово дозволува да стане урнатина. Притоа, педлагаат да се даде некој да го разработи.

Од Општина Бутел, на чија територија се наоѓа одморалиштето, велат дека немаат никакви ингеренции да преземат нешто за овој објект, бидејќи земјиштето е во сопственост на Македонската православна црква, а корисничкото право е на Министерството за социјална политика, демографија и млади, упатувајќи за повеќе информации на него.

Од Министерството за социјална политика, демографија и млади  информираат дека бил направен обид да се легализира детското одморалиште во Љубанци, со цел да се стави во функција, но поради правна пречка, постапката не била реализирана.

– Имено, објектот, кој се води како детско одморалиште, се наоѓа на земјиште во сопственост на МПЦ – кратко одговорија од надлежното Министерство.

Граѓаните велат дека, за жал, не е оставено да пропаѓа само ова детско одморалиште.

– Сите одморалишта се оставени да пропаднат за да може некој да ги лапне евтино и да прави хотели или спа-центри. Како деца, не одевме по хотели на зимување, летување или на настава во природа и екскурзии, туку во овие одморалишта – вели граѓанка.

Меѓу коментарите од граѓаните има и предлог детските одморалишта да бидат претворени во музеи.

– Наместо да се средат, реновираат или доградат. Владата ги остава на распаѓање. Никој не помислува на децата од социјално загрозените семејства. Во социјализмот, ако родителите не беа во можност, преку училиштето се организираше одмор за сиромашните деца. Жално е да се гледаат слики на пропаднати објекти – детски одморалишта. Барем некој да преземе иницијатива за реновирање и да останат барем како музеј – реагира граѓанин на социјалните мрежи.

Во Македонија постојат повеќе детски одморалишта со дејност за зимски и летен одмор на учениците, настава во природа, спортски натпреварувања и др. Детските одморалишта се градени на атрактивни и чисти локации, во недопрена природа, од придонесите што се уплаќале за детска заштита и за образование и биле во општествена сопственост.

Вкупно шест детски одморалишта се целосно нефункционални и оставени да пропаѓаат. Во некои, иако со години не примаат деца, сè уште има и директори, вработени и чувари.

Од Министерството за социјална политика, демографија и млади велат дека се прави анализа на состојбата на сите детски одморалишта, со цел процена на потребните финансии за нивно повторно ставање во употреба.

Државата сè уште прави анализи што да се прави со нив откако, пред 11 години, пропаднаа последните обиди за нивна продажба.

Наспроти ова, за некои детски одморалишта се нашло решение преку нивна продажба на приватни инвеститори. Така, во изминативе години, во приватни раце се нашле одморалиштата: „Асамати“ во Ресен, „Висока Чука“ во Гевгелија, „Шула Мина“ во Крушево, „Мите Богоевски“ во Претор, „Голак“ во Делчево, „Михајлово“ во Кавадарци, „Плачковица“ во Радовиш, „Попова Шапка“ – Тетово, „Ѓуриште“ во Свети Николе и „Македонија“ во Тиват, Црна Гора.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ