
Комитетот за надзор и владини реформи на Конгресот на САД испрати писмо до братот на британскиот крал Чарлс Трети, Ендрју Маунтбатен Виндзор. Во писмото се повикува да даде изјава во врска со неговото „долгогодишно пријателство“ со осудениот сексуален престапник, американскиот финансиер Џефри Епстин, објави денес „Скај њуз“.
Комитетот на САД соопшти дека ги истражува „операциите за трговија со луѓе на покојниот Епшстин со цел сексуална експлоатација“ и дека „финансиските записи како што е „масажата за Ендру“ покренуваат сериозни прашања“.
„Комитетот се стреми да ги открие идентитетите на соучесниците и помагачите на г-дин Епстин и да го разбере целиот обем на неговите криминални операции.
Добро документираните обвинувања против вас, заедно со вашето долгогодишно пријателство со г-дин Епстин, сугерираат дека можеби имате сознанија за неговите активности релевантни за нашата истрага“, се вели во писмото до Ендрју Маунтбатен.
Тој е поканет „во интерес на правдата за жртвите на Џефри Епстин“, да соработува во истрагата на комитетот со давање изјава за оваа тема. Писмото до поранешниот принц е испратено на адресата на Кралската ложа во Виндзор Парк, која Ендрју ја напушти минатата недела кога му беа одземени кралските титули.
Во него се опишува „блиската врска“ на Ендрју со Епстин и се споменува неодамна откриена размена на е-пошта од 2011 година во која Ендру наводно му рекол на Епштајн „заедно сме во ова“, објавува Скај.
Комитетот рече дека врските на Ендрју со Епстин дополнително ги поткрепуваат сомневањата дека тој можеби „има вредни информации за злосторствата извршени од Епстин и неговите соработници“. Во писмото, потпишано од 16 членови на Конгресот, се бара од Ендру да одговори до 20 ноември.
Британскиот крал Чарлс Трети му ги одзеде титулите на принц и кралско височество на својот брат Ендрју минатата недела.
Овој потег следува по објавувањето на посмртните мемоари на Вирџинија Џуфре и објавувањето на документи од имотот на Епштајн од страна на американската влада, објавува „Танјуг“.
Џуфре тврдеше дека била принудена да има секс со Ендру три пати, еднаш во Лондон во домот на Џилијан Максвел, која беше осудена за трговија со луѓе, еднаш на адресата на Епстин на Менхетен и еднаш на неговиот приватен остров Литл Сент Џејмс. Епстин си го одзеде животот во затвор во Њујорк во 2019 година.
Одлуката објавена пред една недела од британскиот крал Чарлс Трети за одземање на титулите на својот брат Ендрју беше објавена денес во официјалниот британски весник „Газет“, со што формално стапи во сила.
На Ендрју официјално му се одземени титулите Принц и Војвода од Јорк, како и правото да биде нарекуван со „Неговото Кралско Височество“, објавува „Би-би-си“.
Британскиот крал ја објави одлуката по неколку недели интензивна истрага за врските на поранешниот принц Ендрју со осудениот сексуален престапник, американскиот финансиер Џефри Епстин, кој си го одзеде животот во затвор во Њујорк во 2019 година.
„Газет“ ја објави одлуката на британскиот крал, во која се наведува дека Ендрју Маунтбатен-Виндзор „веќе нема право да ја држи и ужива титулата, или да ја доделува титулата „Кралско Височество“ и титуларното достоинство „Принц““.
Бакингемската палата минатата недела објави дека Ендрју ќе ја напушти својата кралска ложа во Виндзор, бидејќи неговите врски со покојниот Епстин продолжуваат да предизвикуваат контроверзии.
Ендрју Маунтбатен Виндзор се откажа од своите други кралски титули во октомври, вклучувајќи ја и титулата Војвода од Јорк, по понатамошни обвинувања за неговиот приватен живот.











