Името на Стојко и денес со восхит се споменува во Чучер Сандево, бидејќи е реткост да успее некој да извојува победа во битката со морето. Тој останал запаметен како единствениот Македонец што го преживеал бродоломот на „Титаник“. Неговата животна приказна е поврзана со сонот на многу млади луѓе од тоа време: да избегаат од сиромаштијата и од турскиот зулум и да ја најдат својата среќа во ветената земја – Америка. Приказната за Стојко не е единствената што ја поврзува Македонија со бродоломот на „Титаник“. Јовица Кукуновски-Кукун, жител на Глуво и сопственик на тамошниот етноресторан „Рибилимус“, вели дека неговиот роднина, чукундедо, Борче Кукуновски, бил главен готвач на бродот „Титаник“ во времето кога потонал тој. За весникот ВЕЧЕР, тој раскажа дека Борче тогаш имал 70 години, но, за жал, не преживеал

Приказната за Стојко Додолоски сè уште се прераскажува меѓу мештаните во Чучер Сандево. И оние помладите ја знаат наизуст, бидејќи оние што биле сведоци веќе не се меѓу живите. Сега и помладите им го пренесуваат тоа доживување на уште помладите, па така живее приказната меѓу генерациите.
Името на Стојко и денес со восхит се споменува во селото, бидејќи е реткост да успее некој да извојува победа во битката со морето. Тој останал запаметен како единствениот Македонец што го преживеал бродоломот на „Титаник“. Неговата животна приказна е поврзана со сонот на многу млади луѓе од тоа време: да избегаат од сиромаштијата и од турскиот зулум и да ја најдат својата среќа во ветената земја – Америка.
Според приказната што кружи и што сè уште ја раскажуваат жителите на Чучер Сандево, како шеснаесетгодишно момче, Стојко тргнал на пат со неколку заштедени гроша во џебот. Во англиското пристаниште Сутемптон, непосредно пред испловувањето на „Титаник“, тој случајно купил билет од еден поп што во последен момент се откажал од патувањето.
– Стојко не можел ни да замисли дека се качува на брод што ќе стане симбол на човечката трагедија за само неколку дена. Ноќта спроти 15 април 1912 година, бродот удрил во санта мраз. Од повеќе од две илјади патници, само седумстотини биле спасени, меѓу нив и младиот Стојко од Чучер – со восхит жителите ја пренесуваат случката.
Според кажувањето што се пренесувало со години, тој успеал да се фати за спасувачки појас и со голем напор да се одржи на површината. Во еден миг, скокнал од петнаесет метри височина во ледената вода и допливал до превртен чамец. Таму го забележал офицерот Чарлс Лоу, еден од ретките што воопшто се вратиле по преживеаните. Стојко бил еден од дванаесеттемина што ги извлекле таа кобна ноќ.
Се раскажува дека по трагедијата, Стојко живеел некое време во Америка и подоцна се вратил во Македонија.
– Во педесеттите години, повторно чекорел во селото. Работел во една фирма во Ѓорче Петров, секогаш насмеан и расположен – раскажуваат жителите.
Тие додаваат дека тој често ја раскажувал приказната за „Титаник“, но секогаш со смеа, како нешто што одамна го оставил зад себе. Велат дека сакал да биде погребан во Врвеж, но неговата ќерка го повлекла повторно во Америка, каде што починал, во Чикаго.
Останало сеќавањето за него дека немало панталони што можеле да го соберат.
Приказната за Стојко не е единствената што ја поврзува Македонијасо бродоломот на „Титаник“.
Јовица Кукуновски-Кукун, жител на Глуво и сопственик на тамошниот етноресторан „Рибилимус“ вели дека неговиот роднина, чукундедо, Борче Кукуновски, бил главен готвач на бродот „Титаник“ во времето кога потонал тој. Тој раскажа за весникот ВЕЧЕР дека Борче тогаш имал 70 години, но, за жал, не преживеал.
– По потонувањето на бродот, му се губи секаква трага. Но, остана неговиот рецепт што и до ден-денес го подготвувам во мојот ресторан. Тој ѝ оставил аманет на баба ми да не се заборави неговиот рецепт – вели Јовица.
Тој вели дека се работи за приготвување месо во тегла.
– Тогаш немало фрижидери, па добро го запечатувале месото во тегла, кое така приготвено, конзервирано, може да стои и до 100 години. Сега тоа е специјалитет во мојот ресторан, кој е многу баран – тврди Јовица.
Жителите на Чучер Сандево и денес се гордеат со Стојко, велејќи дека селото имало човек што го победил морето.
Инаку, бродот „Титаник“ бил британски прекуокеански патнички брод од класата олимпик, сопственост „Вајт стар лајн“, компанија што организирала редовен прекуокеански сообраќај меѓу Велика Британија (обично од Саутемптон) и САД (обично до Њујорк). Бил изграден од компанијата „Харланд енд вуф“ во Белфаст, Ирска, по нарачка на британската компанија „Вајт стар лајн“. Изградбата почнала во 1909 година и траела до 1912 година. Со должина од 269 метри, широчина од 28 метри и со тежина од преку 46.000 бруто регистарски тони, бродот претставувал врв на тогашната инженерска и технолошка мисла и бил најголемиот патнички брод во времето кога бил изграден. Тој имал парни турбини со 59.000 коњски сили, неговата максимална брзина при полн товар била 24 јазли (44,57 км/ч) и бил со капацитет за 3.547 патници.
Палубите и просториите од првата класа биле особено луксузни и убаво уредени.
Бродот бил опремен со 16 водонепропустливи прегради, кои требало да спречат потонување при оштетување. Теоретски, тој можел да остане на површината дури и ако се поплавеле четири од нив, но не и пет, како што се случило во реалноста. Иако се верувало дека е непотоплив.
Во текот на првото патување, „Титаник“ удрил во санта мраз во Северниот Атлантик, пред полноќ на 14 април 1912 година и потонал два часа и четириесет минути подоцна, на 15 април. Судирот ја оштетил десната страна на трупот и предизвикал поплавување на првите пет прегради.
На 15 април 1912 година, околу 2:20 часот: „Титаник“ се прекршил на два дела и потонал. Температурата на водата била околу -2 Целзиусови степени. Според официјалните податоци, од 2.224 лица на бродот, загинале околу 1.500 луѓе. Само околу 710 преживеале, главно, поради недоволниот број чамци за спасување. Иако биле предвидени повеќе чамци за спасување, на бродот биле поставени само 20, доволни за околу 1.178 луѓе, што било во согласност со тогашните регулативи, но далеку од доволно за реалниот број патници.
Анела ПЕТРОВА












