Владата обезбеди од државниот буџет 42,3 милиони денари во новата Програма за заштита на ранливи потрошувачи на енергија кои се соочуваат со социјални и здравствени предизвици. Средствата се наменети за директна финансиска поддршка за домаќинства што живеат во енергетска сиромаштија, со особен фокус на лицата со попреченост и оние што користат гарантирана минимална помош.
Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) информираат дека корисници на оваа програма се домаќинствата кои остваруваат паричен додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси, како и домаќинства во кои живеат лица со тешка или длабока интелектуална попреченост, најтешка телесна попреченост, наполно слепи или наполно глуви лица. За оваа втора категорија, Програмата предвидува месечна поддршка во висина од 1.000 денари, што директно ќе се одбива од фактурите за потрошена електрична енергија, почнувајќи од месецот на поднесување на барањето, во времетраење од 12 месеци. Финансиската поддршка ќе се доделува според принципот најниски приходи, сè до исцрпување на средствата и тоа:
– 2.300.000,00 денари од вкупните средствата ќе бидат наменети за домаќинства во кое живее лице/лица со тешка или длабока интелектуална попреченост,
– 19.000.000,00 денари од вкупните средствата ќе бидат наменети за домаќинства во кое живее лице/лица со најтешка телесна попреченост,
– 9.000.000,00 денари од вкупните средства ќе бидат наменети за домаќинства во кое живее наполно слепо лице и
– 12.000.000,00 денари од вкупните средствата ќе бидат наменети за домаќинства во кое живее наполно глуво лице.
Огласот ќе биде со рок за пријавување од 30 дена. Распределбата на средствата ќе се врши согласно специфичните потреби на целните групи: 2,3 милиони денари се наменети за домаќинства со лица со тешка интелектуална попреченост, 19 милиони за домаќинства со најтешка телесна попреченост, 9 милиони за домаќинства со наполно слепо лице и 12 милиони денари за оние со наполно глуво лице. Програмата предвидува и дополнителни мерки за олеснување на енергетскиот пристап, вклучувајќи ослободување од трошоци за повторно приклучување, приоритет во отстранување на дефекти и мерки против исклучување поради неплатени сметки во зимскиот период. Со ова се гарантира дека ниту едно домаќинство кое се соочува со социјален или здравствен ризик нема да остане без основна енергетска поддршка.