Од бродот на Таравари си замина и првиот пратеник

ПРЕСТРОЈУВАЊАТА ВО АА СЕ ПОГОЛЕМИ

506
Фото: Фејсбук

Петчлената пратеничка група на крилото на Арбен Таравари, денеска, ја напушти првиот пратеник, откако Салим Сулејмани од Струга поднесе оставка од пратеничката функција и од сите партиски функции во Алијанса за Албанците.

-Со полна морална, професионална и политичка одговорност, ве информирам дека поднесувам оставка од сите партиски функции во рамки на Алијансата за Албанците, како и од позицијата пратеник во Собранието на РС Македонија. Учеството во коалицијата Вреди било мотивирано од потребата за соочување со неуспесите на ДУИ и нивната злоупотреба на власта. ДУИ, партија која две децении е дел од власта, наместо да биде достоен претставник на Албанците, се претвори во структура поврзана со лични и клановски интереси. Коалицијата Вреди ја гледав како антипод на таа коруптивна матрица – соопшти Сулејмани во објавата на својот фејсбук-профил.

Тој додаде дека дошло до сериозно отстапување од првичните принципи, особено по приближувањето на АА до ДУИ во пресрет на локалните избори. Според него, ова политичко сојузништво е прекршување на изборните ветувања и недостојно претставување на Албанците.

-Не можам да бидам дел од Алијанса што прави компромиси со луѓе кои се спомнати на меѓународни црни листи поради сериозни афери – нагласи тој, додавајќи дека неговата кауза не е завршува тука, туку ќе продолжи уште посилно, но во други форми на ангажман.

Според неофицијалните сознанија, Сулејмани ќе биде заменет со Валбона Адили-Емини, која на заедничката кандидатска листа на Вреди е кадар на движењето Беса. Со тоа Вреди ќе има 10, а Таравари ќе ја загуби можноста да формира пратеничка група оти ќе има само четворица пратеници.

Од друга страна, косовскиот премиер Албин Курти се вклучи во процесот на заминувањата на досегашните сопартијци на лидерот на крилото на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, и нивното останување во коалицијата Вреди. Курти, завчера, во Приштина прими седумчлена делегација од АА, предводена од актуелниот министер за доброто владеење, Арбен Фетаи, кој сè уште јавно не се изјаснил дали го напушта Таравари и останува во редовите на Вреди. Но, индикативен беше фактот што во делегацијата со него беше и екс-министерот за информатичко општество, Азир Алиу, кој пред средбата соопшти дека останува со коалицијата Вреди.

-Останувам во Вреди. Излегување од Владата без јасен план може да доведе до рехабилитација на старите структури од ДУИ. Борбата против корупцијата и потребата од промени во општеството не смеат да престанат на првата препрека – објави Алиу на социјалните мрежи.

Косовскиот премиер Албин Курти и пред но и по ланските парламентарни избори даваше отворена поддршка на коалицијата Вреди. По парламентарните избори тој ја прими четиричлената делегација на лидерите на коалицијата „Вреди“, составена од Билал Касами, Арбен Таравари, Изет Меџит и Африм Гаши. Од друга страна, додека сè уште траат изјаснувањата во редовите на АА, лидерот Арбен Таравари во интервју за албанската телевизија МЦН како причина за напуштањето на Владата ја наведе игнорацијата кон Вреди.

-Ние како Алијанса за Албанците не сме навикнати да бидеме само декорација. Затоа решивме да одиме во опозиција и да се вратиме кај граѓаните. За нас е важно да се мобилизираме и да извојуваме победа на локалните избори во октомври – изјави Таравари.

Од Коалицијата Вреди, пак, вчера испратија соопштение во кое потенцираат дека ја гарантираат стабилност со бројки во Владата.

-Обидите на ДУИ преку Таравари да предизвика земјотрес во Вреди се целосно неуспешни. Обидот за поделба се претвори во политички бумеранг за самите автори. Ова докажува дека Вреди не е случајна коалиција, туку сериозен политички проект со силна основа и јасна визија за иднината – стои во соопштението.

Од ДУИ, пак, одговорија дека Вреди е безгласна буква во Владата.

-Што се однесува до т.н. остатоци од Вреди во Владата, јасно е дека никој не ги прашува, ниту пак им бара мислење за каква било институционална одлука. Тие немаат ниту влијание, ниту авторитет. Единственото што го прават е со срамна тишина и покорност да ја легитимираат оваа дискриминаторска влада – се наведува  во партиската реакција по повод на вработување на осум нови кадри во Централен регистер, а меѓу кои немало ниту еден Албанец. (Б.Ѓ.)

Условите на Села за соработка со власта

Лидерот на вториот дел од АА, Зијадин Села, викендов изјави дека Таравари треба да се извини и да поднесе оставка. Тој откри дека имало барања за комуникација од партии од власта.

-Имаше многу барања да воспоставам комуникација со овој или оној, и на едно барање одговорив и ги искажав ставовите. Ние не даваме збор на две страни, не играме на две маси. Има услови што мора да ги исполнат партиите кои сакаат соработка со АА – уставни измени, деблокирање на евроинтеграциите, и менување на одредбата за 20 проценти со албанскиот јазик, Бадентер и во Уставниот суд… – изјави Села.

ИЗДВОЕНИ