Од болницата во Белград пуштени двајцата последни повредени во пожарот во Кочани

53

Двајцата последни пациенти кои се лекуваа во Универзитетскиот клинички центар во Белград од повредите во пожарот во дискотеката „Пулс“, се враќаат дома. Станува збор за 24-годишната Ангела Бошковска и за 23-годишниот Андреј Георгиев, кои во петокот 6 јуни, ја напуштија Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, јави дописникот на МИА од Белград. Третманот на нивните повреди ќе продолжи во земјава.

Седумнаесет пациенти беа примени во Белград на 16 и 17 март со повреди здобиени во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Сите беа згрижени и лекувани во Ургентниот центар во Белград.

На лекување во странство и во домашните болници има уште 10 пациенти кои се здобија со повреди во шарот, од кои еден е во тешка состојба.

Милан Стојичиќ, директор на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија при УКЦС изрази благодарност до српските и макњедонските власти.

„ Не беше лесно лекувањето на овие пациенти. Андреј и Ангела имаа многу тешки повреди. Сепак, беа и во друга држава ама се трудевме да се чувствуваат како да се во своја држава на лекување. Вкупно 17 пациенти беа лекувани во УКЦС во Белград. Петмина од нив беа интубирани – на механичка вентилација. Најважно е дека сите пациенти преживеаја. Сите беа донесени во тешка состојба со инхалациони повреди и благодарение на нашите тимови имаме добри вести“, изјави Стојичиќ.

Директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашко Клековски, на панел дискусија којашто се одржа во Владата на 5 јуни рече дека постојано се следи состојбата со повредените во трагичниот пожар во Кочани и дека има напредок во нивното лекување што се спроведува во домашните болници. Според Клековски, државата има капацитети да одговори на потребите за понатамошен третман.

Тој информираше дека е формирана работна група за мониторинг на напредокот на пациентите, составена од лекари од различни клиники кои учествувале во приемот на повредените и знаат во која состојба биле примени повредените и можат да направат најсоодветна проценка.

„Ова е процес кој нема да има крај и ќе се одвива циклично на неколку месеци и досега се оценети околу 160 повредени, а недостасуваат уште околу 15 повредени кои во моментот не биле достапни во Кочани, но се во комуникација и ќе бидат вклучени“, нагласи Клековски.

Пожарот во диксотеката „Пулс“ во Кочани се случи на 16 март и во него животот го изгубија 62 лица, а речиси 200 беа повредени.

 

ИЗДВОЕНИ