– Комисијата за јавни набавки ја избрала фирмата „Рудкоп“ да обезбедува помошна механизација за потребите на РЕК „Битола“, затоа што имала најповолна понуда. Во моментот на реализација на тендерската процедура, „Рудкоп“ немала законски пречки за исклучување, ниту забрана од надлежните органи за учество на тендери, се вели во реакцијата од АД ЕСМ откако партијата Левица обвини дека државната компанија ЕСМ доделила тендер на фирмата „Рудкоп“ која е под истрага за криминал од 3 милиони евра.
Од АД ЕСМ тврдењата на Левица ги оценија како невистинити и неосновани.
– Изнесените тврдења од страна на Левица манифестираат елементарно непознавање на Законот за јавни набавки и целосно ја игнорираат законската процедура по која АД ЕСМ постапува. Јавниот повик кој се обидуваат да го скандализираат е спроведен во целосна согласност со сите позитивни законски прописи. Во моментот на реализација на тендерската процедура, „Рудкоп“ немала негативна референца што исто така, би можело да ја исклучи од постапките за јавни набавки. Врз основа на овие факти, Комисијата за јавни набавки немала правни аргументи за елиминација на предметниот потенцијален економски оператор – велат од АД ЕСМ.
Оттаму појаснуваат дека станува збор за рамковен договор според кој се плаќа по ангажман, односно само доколку РЕК „Битола“ има потреба од помошна механизација. Ова значи дека плаќањето се врши исклучиво за извршена услуга и во согласност со реалните потреби на РЕК „Битола“.
– АД ЕСМ работи исклучиво според законите и нема намера да врши каква било политичка селекција на фирми кои учествуваат во сегментот јавни набавки. Секоја фирма и потенцијален оператор што се јавува на распишаните јавни повици е предмет на детална проверка, согласно Законот за јавни набавки и според утврдените критериуми и правила за учество – велат оттаму.
Од Левица објавија дека договорот со битолската компанија „Рудкоп“ во вредност од над 2 милиони евра е склучен на скандалозен тендер.
– Во февруари финансиска полиција извести дека поранешниот директор на РЕК „Битола“, Пеце Матевски со соработниците во комбинатот и со помош од вработени во Бирото за јавни набавки, успеале да наместат тендер за ископ, со кој фирмата „Рудкоп“ која се стекнала со противправна имотна корист од речиси 3 милиони евра, со што бил оштетен и државниот буџет. За криминалот кој се случувал во РЕК „Битола“ финансиската полиција поднесе кривични пријави против седум лица, а само два месеци подоцна, директорот на ЕСМ, Лазо Узунчев доделува милионски тендер повторно за ископ на истата фирма која се товари за криминал тежок 3 милиони евра – обвини Левица.
Од Левица ги повикуваат надлежните институции, вклучително ОЈО и финансиската полиција, да истражат како раководството на АД ЕСМ доделува тендери на фирми кои се сомничат за сериозен криминал и под замрзнат имот.
(С.Бл.)