Државата и државните институции ќе можат да плаќаат и да примаат средства во евра, согласно со стандардите на СЕПА, побрзо, побезбедно и со пониски и фиксни надоместоци. Народната банка ја избра НЛБ Банка да биде одговорна за обработка на плаќањата преку СЕПА, за што е потпишан договор за меѓусебна соработка. Претседателот на Управниот одбор на НЛБ д. д. Љубљана, Блаж Бродњак, во обраќањето на конференцијата „Иднината на банкарството“ посветена на јубилејот 40. Години НЛБ Банка Скопје, даде осврт на минатото на банката и за следните чекори во наредниот период
Од 9 декември, државата и државните институции ќе можат да плаќаат и да примаат средства во евра, согласно со стандардите на СЕПА, побрзо, побезбедно и со пониски и фиксни надоместоци. Наместо досегашните просечни трошоци од 14 евра за плаќање преку кореспондентните банки, плаќањата преку СЕПА ќе чинат 3 евра за електронските налози и 5 евра за хартиените налози, а сите приливи преку СЕПА ќе се наплатуваат 3 евра.
– Народната банка им овозможува и на државните институции да ги користат придобивките од СЕПА, со што ќе се овозможат значителни заштеди за државата и за државните институции при извршувањето на прекуграничните плаќања во евра со четириесетте земји членки на СЕПА – велат од НБ.
Народната банка ја избра НЛБ Банка да биде одговорна за обработка на плаќањата преку СЕПА, за што е потпишан договор за меѓусебна соработка меѓу гувернерот Трајко Славески и претседателот на Управниот одбор на НЛБ д. д. Љубљана, Блаж Бродњак, и членот на Управниот одбор на НЛБ д. д. Љубљана, Антонио Аргир.
– Имајќи предвид дека 80 % од вкупните одливни плаќања и 90 % од вкупните приливи на државата се во евра, пониските надоместоци директно ќе овозможат поголеми заштеди за државата и за државните органи. Со овој значаен чекор, Народната банка, покрај регулаторната и надзорната улога во платежната сфера, ја потврдува и својата оперативна улога во обезбедувањето подобри и поквалитетни услуги за државата и за државните органи во извршувањето на прекуграничните плаќања – истакна гувернерот Славески.
Бродњак укажа благодарност за укажаната доверба и нагласи дека ова достигнување претставува значаен чекор кон подлабока интеграција со платниот систем на Европската Унија и ја поддржува пошироката цел за интеграција во ЕУ.
– Оваа пресвртница се надоврзува на нашето неодамнешно воведување на услугата „Епл пеј“ (Аpple Pay) за сите наши клиенти во ЈИЕ и успешното влегување на НЛБ банка Скопје во шемата на кредитниот трансфер преку СЕПА, дополнително зајакнувајќи ја посветеноста на Групацијата НЛБ за поттикнување на финансискиот развој и иновациите во Северна Македонија – изјави Бродњак.
Тој, во обраќањето на конференцијата „Иднината на банкарството“ посветена на јубилејот 40. Години НЛБ Банка Скопје, која игра клучна улога во финансискиот пејзаж поддржувајќи ги порастот, иновациите и аспирациите на безброј поединци и бизнис-заедници, даде осврт на минатото на банката и за следните чекори во наредниот период.
– Европската Унија ја изгуби својата конкурентност, не е во состојба да го зачува мирот, а камоли да се занимава со конкурентност. Се прашуваме дали зелената транзиција е најбитна, или демографската транзиција е повеќе важно прашање. Сметам дека зачувувањето на мирот е многу поважно прашање бидејќи ако нема мир не вреди да се зборува за друго. Ние сме посветени на пазарот, но и на развојот на паметни услуги, како и на заштита од сајбер напади за што сме вложиле 10 милиони евра – истакна Бродњак.
Членот на Управниот одбор на НЛБ д. д. Љубљана, Антонио Аргир, рече дека плаќањата во СЕПА се извршуваат без проблеми и граѓаните и фирмите ја чувствуваат благосостојбата од интеграцијата во единствената област за плаќања во евра, а тоа се брзината во извршување на плаќањата и во трошоците.

– Во таа иницијатива треба да се вклучи и централната банка со плаќањата на државата. Како што е за фирмите и за физичките лица, така тоа ќе биде и за плаќањата на државата што се извршуваат преку централната банка, значи дека ќе бидат со повисоко корисничко искуство, побрзи и со многу пониски трошоци за централната банка. Сепак, извршувањата на плаќањата сè уште не се инстант, но се максимум за два часа. Во НЛБ Скопје анализираме дали порастот на плаќањата е поради влегувањето во СЕПА или е резултат на некои други трендови. Забележуваме дека е зголемен приливот преку банкарски канали и тоа е една од бенефициите што сакаме да ги постигнеме. Претходно, средствата што нашите луѓе во странство ги праќаа дома одеа преку брз трансфер на пари или преку неофицијални канали (се пуштаа пари преку автобус), сега имаат можност тие средства да ги праќаат преку СЕПА со ниски трошоци – вели Аргир.
Тој е задоволен од порастот во делот на кредитирањето на банката.
– НЛБ Скопје е прва банка во земјава по кредитирање на физички лица, а на ниво на НЛБ Групацијата бележиме двоцифрен пораст на сите нивоа. Очекуваме резултатите годинава да бидат во рамки на планираното, а за следната година на ниво на групација очекувам стапка на пораст меѓу 8 и 10 проценти – рече Аргир.
Што се однесува до каматните стапки, тој очекува да бидат постабилни во наредниот период, односно да не одат премногу нагоре, ниту, пак, премногу надолу.
– Многу зависи што ќе се случува. Ако повторно има војна среде Европа, а при такви глобални нарушувања, секогаш мора да се реагира брзо. Во 2022 година имавме историски негативни каматни стапки, се случи војната во Украина и стапките отидоа нагоре. А тоа е и резултат и на менаџирање со инфлацијата и на неспремноста на пазарот. Засега проектираме некои стабилни каматни стапки, кои, пак, во моментов не се високи. На пример, каматните стапки на станбени и на потрошувачки кредити се нешто над инфлацијата. Ако инфлацијата е 3 %, а каматната стапка на станбен кредит е 4 %, нетото пари што треба да го заработиш е само 1%. Генерално, за станбен кредит стапки од 3,5 % до 4,5 процентни поени, зборувам регионално, тоа се добри каматни стапки – истана Аргир.
(С. Бл.)












