Во државата има 85.000 работници што работат на црно. Со примената на Законот за работно ангажирање лица од 1 јануари 2026 година, се очекува околу 17.400 лица да влезат во формалната економија, од кои до 12.000 сезонски работници во земјоделството и околу 5.400 непријавени работници во туризмот и услугите. Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, очекува дека со овој Закон ќе се намали работата на црно, а невработеноста ќе падне на 20 отсто. Со Законот за финансиска поддршка на инвестициите, пак, компаниите кои ќе имаат инвестиции, кои ќе остваруваат профит и кои ќе го зголемат бројот на вработените ќе добијат финансиска поддршка од државата.
– Намалувањето на сивата економија е една од највисоките стратешки определби на Владата и клучен сегмент од реформската агенда, затоа што директно влијае врз економскиот раст, стабилноста на јавните финансии и заштитата на работниците. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во 2024 година во земјава имало околу 694 илјади вработени, од кои околу 85 илјади биле неформално ангажирани. Тоа е сериозен предизвик, кој бара системски, а не ад хок решенија. Министерството за економија и досега преземаше мерки преку Оперативниот план за вработување, но анализите покажуваат дека дел од лицата остануваат надвор од официјалните текови. Токму затоа беше донесен Законот за работно ангажирање лица, кој претставува суштинска реформа во начинот на повремено и сезонско ангажирање работници – изјави Дурмиши.
Според него, со овој Закон се воведува пофлексибилен и поедноставен модел за легално ангажирање работна сила, со јасна правна рамка и електронски процедури за пријавување, одјавување и уплата на придонесите. Законот овозможува ангажирање вработени, пензионери, невработени, ученици, студенти, без губење на нивните стекнати права.
– Корисниците на минимална помош не ги губат социјалните и детските права, невработените не се бришат од евиденција и не го губат паричниот надоместок, пензионерите не го губат правото на пензија, а студентите и учениците ги задржуваат правата од образовниот систем – појасни министерот за економија, Дурмиши.
Овој Закон, како што рече, носи придобивкии за работниците и за работодавците. Работодавците добиваат флексибилност и поедноставна административна постапка, а работниците – исплата од час, придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, дополнителни придонеси за задолжителното здравствено осигурување во случај на повреда на работа или професионално заболување, како и јасна правна заштита на нивните права.
Паралелно со ова, од 1 јануари 20206 година започнува да се применува и Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кој претставува силен инструмент за зголемување на економскиот раст, зголемување на конкурентноста и за отворање нови работни места.
– Со овој Закон, државата обезбедува финансиска поддршка на компаниите што инвестираат, остваруваат раст на приходите и ги задржуваат вработените. Поддршката е насочена кон нови вработувања со повисоки плати, при што компаниите може да добијат до 20 отсто од исплатената нето-плата, односно до 4.400 евра годишно за лице, како и значителна поддршка за истражување и развој до 50 отсто од оправданите трошоци, а максимален износ до еден милион евра. На тој начин, економијата ќе има поголема конкурентност и додадена вредност – рече Дурмиши.
Прашан дали ќе има прочистување на списокот во Агенцијата за вработување, каде што има невработени што земаат социјална помош, а не прифаќаат вработување, наведе дека со новиот Закон што е во сила тие нема да ги загубат правата како невработени и дека ќе имаат можност да бидат вработени во дејностите земјоделство, рибарство, шумарство, угостителство.
(А. С.)












