понеделник, февруари 9, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Од 51 онколошки пациент, конзилијарно мислење добил само еден – недостигале анамнези...

Од 51 онколошки пациент, конзилијарно мислење добил само еден – недостигале анамнези и документи

Вештаците од Словенија со сериозни забелешки за случајот „Онкологија“

297

Со сослушувањето вешти лица од Словенија, кои изработиле медицинско вештачење за потребите на Обвинителството, вчера, во Основниот кривичен суд во Скопје, продолжи судењето против поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, и уште двајца онколози, обвинети за несовесно лекување пациенти.

Вештото лице Маја Радник од Медицинскиот факултет во Марибор, заедно со асистентката Јасмина Јордан, одговараше на прашањата за медицинските критериуми и протоколите за онколошко лекување, како и за наодите од анализата на 51 медицинска документација на пациенти лекувани на Клиниката за онкологија.

Радник нагласи дека онколошките лекови имаат строго утврдени дози, начин и време на аплицирање, потврдени преку клинички студии и дека секоја промена мора јасно да биде евидентирана и образложена. Како „златен стандард“ во онколошкото лекување, таа го посочи мултидисциплинарното конзилијарно одлучување.

На прашањето дали во разгледаната документација постоеле записи за вакво одлучување, вештакот одговори дека од 51 случај, само во еден имало забелешка за мултидисциплинарен конзилиум.

– Од прегледаната документација се гледа дека промените во лекувањето често не биле соодветно бележени, а во многу случаи и без никакво објаснување – изјави Радник.

Според неа, документацијата во голем дел била нецелосна – често недостигале анамнеза, клинички преглед, податоци за тешкотии кај пациентите, како и информации за коморбидитети. Телесната тежина и висина, кои се клучни за правилно дозирање на терапијата, биле забележани само во мал број случаи.

– Повеќето онколошки лекови се дозираат според телесната тежина. Ако таа се менува, ако не се приспособи дозата, може да дојде до предозирање или, обратно, до неефикасна терапија – предупреди вештакот.

Радник укажа дека не се применува агресивна онколошка терапија пред смрт на пациентот, како и дека кај пациентите со лоша општа состојба соодветен избор може да биде палијативната нега. За сослушување на вештите лица од Словенија, закажани се повеќе рочишта оваа недела, а кон крајот на март се очекува да започне и сослушувањето на вештаците од Србија.

Одбраната на Нино Васев, пред почетокот на рочиштето, достави вешт наод и мислење од вештото лице Владимир Даниловски.

Покрај Васев, обвинети се и онколозите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски. Една од обвинетите, Мери Пешевска, призна вина и беше осудена на условна казна затвор од две години. Обвинението ги товари лекарите дека кај 29 пациенти била применета неподобна терапија со отстапувања во дозирањето и без соодветна процена на здравствената состојба. (П. А.)

 

ИЗДВОЕНИ