Министерството за економија и труд на следната владина седница ќе побара од Владата да одобри поголем буџет за поддршка на бизнисите при самовработување. Според заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, буџетот за поддршка на мали бизниси да се зголеми за 2,5 милиони евра, односно од предложените 5 да биде 7,5 милиони евра.

Тој посочува дека барањето е поради големиот интерес на трите огласи на Агенцијата за вработување за најатрактивната мерка во обемниот оперативен план за вработување, со кој се опфатени 40 проценти млади луѓе.

– На огласите има околу 6.000 пријави.  Наместо 1.750, државата ќе поддржи 2.600 лица кои ќе почнат свој бизнис – најави Ристески.

На седницата на Влада очекува да се донесе одлука за прелокација на финансиски средства за оваа намена.

– Очекуваме да се издвојат нови 300 милиони денари што ќе бидат употребени за оваа најатрактивна мерка, мерката за самовработување. Со тоа, бројката би се зголемила на 2.600 лица кои би отвориле сопствен бизнис, претежно млади луѓе до 29 години, но ќе ги опфати и сите активни баратели на работа и преку 29 години. Да напоменам дека оваа мерка ќе биде поддржана и со плус 160 милиони денари кои се обезбедени со ребалансот на буџетот. Или, вкупно, овие мерки ќе бидат поддржани со зголемен буџет од преку 7,5 милиона евра – изјави Ристески.

Што се однесува до потрошувачката кошничка и нејзиното пресметување, како точка ќе се најде на дневен ред на Економско-социјалниот совет (ЕСС). Од тоа ќе зависи какви мерки ќе преземе Владата. Ристески се надева дека ЕСС ќе биде свикан до крајот на следнава седмица.

– Досега интензивно работеше комисијата за одредување на репрезентативност, формирана пред неколку месеци. Меѓутоа, поради летните одмори, малку беше пролонгирано, но броењето е завршено од синдикатите кои треба да добијат репрезентативност во текот на овој период и се надевам дека до крајот на наредната недела ќе биде официјално свикан Економско-социјалниот совет со дневен ред. Една од дискусиите ќе биде стапката на инфлација, заштита на животниот стандард и можноста дали и понатаму ќе се одредуваат нови мерки или не. Ние ја следиме ситуацијата и сето тоа што ќе биде донесено ќе биде во договор на сите страни кои учествуваат во Економско-социјалниот совет, односно, со еден заеднички трипартитен договор – изјави Ристески.

ИЗДВОЕНИ