Проектот „Грантова шема за поддршка на претпријатијата за зелено работење“ обезбедува финансиска помош за најмалку 300 мали, микро и средни компании во Македонија во следните четири години. Вкупната вредност е 25 милиони евра, од кои 22 милиони се наменети за грантови, а компаниите ќе учествуваат со 20 до 50 проценти сопствено финансирање. Грантовите ќе овозможат техничка и советодавна поддршка, набавка на опрема, воведување нови технологии и развој на зелени производи. Првите повици се очекуваат во средината на 2026 година, а проектот предвидува и инфо-карван за подобро информирање и вклучување на фирмите. Целта е создавање модерни, конкурентни и одржливи компании кои ќе придонесат за зелена економија и нови работни места.
За малите, микро и средни компании во Македонија е обезбедена финансиска поддршка во висина од 25 милиони евра. На официјалното започнување на проектот „Грантова шема за поддршка на претпријатијата за зелено работење“, беше кажано дека проектот ќе се спроведува во периодот 2026 – 2030 година, а се очекува да ги поддржи најмалку 300 компании.
Грантовата шема ќе изнесува 22 милиони евра, додека компаниите ќе треба да учествуваат со 20 до 50 проценти сопствено финансирање, зависно од избраниот инструмент. Грантовите ќе бидат од 5.000 до 300.000 евра и ќе овозможат поддршка за техничка и советодавна помош, стандардизација, набавка на опрема, воведување нови технологии и развој на нови производи.
Првите јавни повици се очекуваат во средината на 2026 година, а проектот предвидува и инфо-карван во соработка со општините, стопанските комори, регионалните центри и секторските здруженија, со цел поддршката да стигне до што повеќе компании.
Директорката на ИНОВА, Даниела Димовска, нагласи дека проектот претставува почеток на важна трансформација на македонската економија.
– Ова е можност компаниите да инвестираат со поддршка, да се подготват за новите барања на пазарот и да станат конкурентни, модерни и зелени играчи на европскиот пазар. Сега е време за зелена акција – порача Димовска.
Таа додаде дека грантовите се наменети за фирми кои инвестираат во одржливи и во иновативни решенија, особено од производствениот сектор, но и од други дејности кои придонесуваат за намалување на отпадот и поголема употреба на зелена енергија.
– Нашата амбиција е да создадеме нова генерација компании – зелени лидери кои покажуваат дека трансформацијата не е трошок, туку инвестиција во иднината. Проектот овозможува ефикасни, одржливи компании, нови работни места и економија што расте без да ја загрозува иднината на следните генерации – подвлече Димовска.
Од вкупната вредност на проектот, 18 милиони евра се обезбедени од ЕУ, а седум милиони евра се национални средства.
Премиерот, Христијан Мицкоски, оцени дека проектот не е само финансиска интервенција, туку стратешка инвестиција во иднината на македонската економија.
– Овие средства се директна инвестиција во конкурентноста на македонските компании и нивната европска иднина. Околу 200 компании ќе добијат поддршка за подготовка и имплементација на меѓународни стандарди за заштита на животната средина и одржливо работење, што ќе им овозможи учество во европските и глобалните синџири на добавувачи – рече Мицкоски.
Проектот, според најавите, ќе придонесе за побрзо воведување на зелени практики, поголема економска свест за придобивките од одржливото работење и зајакнување на конкурентноста на македонските компании на европскиот пазар.












