Пазарот на недвижности во втората половина од 2025 година покажува забележлива динамика, со раст на цените и со зголемена активност на трансакциите. Најголем скок е забележан во Куманово и во Тетово, додека во скопските општини растот е умерен, а Гостивар бележи благо намалување. Разликата во цената за квадратен метар е огромна – од само 317 евра во Чаир до 3.770 евра во Центар. Најактивни по бројот на трансакции се Аеродром и Центар, додека највисока вкупна вредност на продажби бележи Центар. Аналитичарите оценуваат дека растот е поттикнат од подобрените услови за финансирање, зголемената доверба и од ограничената понуда на најатрактивните локации
Пазарот на недвижности во втората половина од 2025 година испраќа јасна порака: становите поскапуваат, а интересот за купување не стивнува. Според најновиот извештај од Регистарот на цени и закупнини на Агенцијата за катастар на недвижности, цените во повеќе градови бележат двоцифрен раст, а бројот на трансакции продолжува да се зголемува.
Најголем скок на цените на продадени станови е забележан во Куманово, каде што пораснале цените за 24 %, додека во Тетово растот изнесува 22 %. Во скопските општини Карпош, Кисела Вода и Гази Баба, цените се повисоки за по 16 %, додека во Центар растот изнесува 14 %. Единствено Гостивар забележал пад од околу 2 %.
Податоците откриваат огромна разлика во продажната цена за квадратен метар. Најниската цена е во Чаир – 19.543 денари (околу 317 евра) за квадратен метар, додека највисоката е во Центар, каде што цената достигнува 232.722 денари (3.770 евра) за квадрат.
Кога станува збор за активноста на пазарот, Аеродром е лидер по бројот на трансакции со 240 продадени стана, следуваат Чаир со 188, Центар со 186 и Карпош со 171. Највисока вкупна вредност на продажби е забележана во Центар – околу 82,8 милиони евра, веднаш зад него е Аеродром со 59,1 милион евра и Карпош со 57 милиони евра.
Просечните цени за квадратен метар ја покажуваат јасната класификација на градските општини: Центар – 104,3 илјади денари (1.690 евра), Карпош – 99,6 илјади денари (1.615 евра), Аеродром – 88,9 илјади денари (1.440 евра), Кисела Вода – 83,2 илјади денари (1.345 евра), Охрид – 78,1 илјада денари (1.265 евра).
Во однос на обемот на трансакциите, највисок раст во споредба со тој период од 2024 година е забележан во Штип (+46 %) и во Гостивар (+43 %), додека Велес бележи пад од 30 %.
Вкупно во регистарот се евидентирани 17.603 трансакции, што е раст од 6,4 % во споредба со второто полугодие од 2024 година. Од нив, 9.953 се продажби на недвижности, 2.031 продажби од инвеститори, 306 откупи од државата, а 75 продажби преку лицитација – што сумира вкупно 12.365 купопродажби (+3,4 % на годишно ниво).
Аналитичарите оценуваат дека растот на пазарот е поттикнат од подобрените услови за финансирање, зголемената доверба на купувачите и на инвеститорите, како и од ограничената понуда во најатрактивните урбани средини.
– Големите разлики меѓу градовите, од само 317 евра за квадрат во Чаир до 3.770 евра во Центар, ја илустрираат класификацијата на недвижностите според локацијата, инфраструктурата и побарувачката. Пазарот останува активен и динамичен, со јасна тенденција за понатамошен раст на цените и на трансакциите во најбараните градски општини – велат аналитичарите.
(С. Бл.)












