Од 28 до 30 август, Берово ќе пулсира во ритамот на традицијата и музиката

131

Од 28 до 30 август, плоштадот „Димитар Беровски“ ќе пулсира во ритамот на традицијата, музиката и на забавата.

„Етноплоштад фестивал 2025“ и оваа година ќе има богата тридневна програма и ветува уникатно искуство, кое ќе ги обедини старите обичаи со современата уметничка енергија.

Организаторите и годинава најавуваат вистински празник за сите сетила – на сцената ќе се одржуваат настапи во живо, со традиционални инструменти, македонски и меѓународни ритми, како и современи аранжмани инспирирани од фолклорот. Љубителите на културата ќе може да уживаат во културно-уметничката програма, танцовите изведби и изложбите, додека плоштадот ќе биде исполнет со традиционални производи.

Посетителите ќе имаат можност да вкусат малешевски специјалитети, подготвени од локалните мајстори на кујната и да купат рачни изработки и домашни производи, кои го носат духот на регионот.

– Берово секоја година докажува дека е дом на гостопримливоста, вкусната храна и на автентичната музика. Ова не е само фестивал, ова е средба на генерации и на култури.

Манифестацијата, на 28 август, свечено ќе биде отворена со саем на традиционални малешевски производи, по што ќе настапат културно-уметнички друштва од Берово и од Македонија, Игор Димовски, „Пауза за ракија“ и диџеи. Наредниот ден ќе се одржи фестивалот на детски песни „Малешевско ѕвонче“, како и настапите на Андријана Петрушовска и на познатата српска група „Амадеус бенд“. В сабота, на 30 август, за забава на присутните ќе се погрижат познатиот македонски поп-пејач, Мики Секуловски, и српската фолк-легенда, Харис Џиновиќ, како и диџеи.

 

 

ИЗДВОЕНИ