Повеќе од 60 европски филмови ќе се прикажат на 8. „Бич филм фестивал“ (Beach Film Festival) кој годинава ќе се одржи од 23 до 27 јули на отворено во Охрид.
„Осмото издание на ’Бич филм фестивал’ ќе се одржи на четири внимателно избрани локации: главното отворено кино на плажата Славија, култната плажа Сараиште, Брод Армада и Младинскиот центар во Охрид. Фестивалот годинава носи повеќе од 60 филма од современата европска кинематографија – внимателно селектирани, со свежи авторски гласови“, посочуваат организаторите, кои истакнуваат дека отворањето на фестивалот, закажано за вечерва, е со проекција под отворено небо на плажата Славија и ќе претставува почеток на петдневна филмска авантура покрај Охридското Езеро.
Фестивалот има и натпреварувачки карактер, со доделување награди за најдобар долгометражен филм, најдобар краткометражен, најдобро актерско остварување, како и специјално признание за најдобар студентски краткометражен филм.
За главната награда ќе одлучува четиричлено меѓународно жири составено од Хуан Албарацин (режисер и сценарист, Шпанија), Танасис Неофотистос (режисер и писател, Грција), Натан Силвер (режисер, САД) и Патрик Бихтинг (режисер и продуцент, Германија). Првпат оваа година, ќе додели своја награда и младото жири во состав: Агнес Лахтова, Димитриј Мартиновски и Иво Георгиески.
„’Бич филм фестивал’ не е само платформа за филмови, туку и за идеи – за поврзување преку култура. Во магичниот амбиент на Охридското Езеро, помеѓу старото јадро и ноќните проекции под отворено небо, фестивалот ја оживува визијата за култура која не е затворена во сали, туку дише заедно со градот и со публиката“, додаваат од фестивалот.
Инаку, во рамки на фестивалот, Кинотеката на Македонија, во соработка со Гете-Институт Скопје ќе организира еднодневна презентација и работилница посветена на филмското образование, како дел од европскиот проект „ФилмЕД“ (FilmED).
Настанот ќе се одржи на 24 јули, со почеток во 18:00 часот, на бродот Армада во Охрид. Целта на настанот е да поттикне отворена дискусија и размена на искуства на тема „Филмот како образовна алатка во работата со млади и во училиштата“ во Македонија и во поширокиот регион. Во рамки на презентацијата ќе се одржи и разговор со гости на фестивалот и експерти од областа на филмското образование, кои ќе споделат примери на добри практики, предизвици и потенцијали за интегрирање на филмот во формалното и во неформалното образование. Влезот е бесплатен и отворен за сите заинтересирани.
Како што истакнуваат организаторите, сите продадени карти на фестивалот и доброволни донации ќе бидат донирани на погодените семејства од пожарот во Кочани.