Новиот министер за здравство, Азир Алиу, веднаш по своето доаѓање на функцијата, се зафати со решавање на хаосот со паркирањето на паркингот во кругот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Тој денеска кажа дека Министерството за здравство потпишало меморандум со компанијата „Лимак“, со што е најдено привремено решение за проблемот со паркирањето во близина на Клиничкиот центар во Скопје. Тоа е дека дел од вработените во Клиничкиот центар ќе добијат можност од први јули да ги паркираат своите возила на дел од просторот што го нуди објектот на „Лимак“. Станува збор за 300 паркинг-места, а паркингот ќе биде достапен 24 часа и се наоѓа на пет минути пешачење од болничкиот комплекс.
– Вработените ќе плаќаат иста цена за паркирање како досега, а Министерството за здравство нема да сноси никаков финансиски трошок – дециден е Алиу
Новиот министер за здравство, Азир Алиу, веднаш по своето доаѓање на функцијата, се зафати со решавање на хаосот со паркирањето на паркингот во кругот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Тој денеска кажа дека Министерството за здравство потпишало меморандум со компанијата „Лимак“, со што е најдено привремено решение за проблемот со паркирањето во близина на Клиничкиот центар во Скопје. Тоа е дека дел од вработените во Клиничкиот центар ќе добијат можност од први јули да ги паркираат своите возила на дел од просторот што го нуди објектот на „Лимак“. Станува збор за 300 паркинг-места, а паркингот ќе биде достапен 24 часа и се наоѓа на пет минути пешачење од болничкиот комплекс.
– Ќе бидат поставени табли што ќе покажуваат кои катови се наменети за вработените во здравството. Вработените ќе плаќаат иста цена за паркирање како досега, а Министерството за здравство нема да сноси никаков финансиски трошок – дециден е Алиу.
Во моментот, на просторот на Клиничкиот центар постојат околу 700 легални паркинг-места, но дневно таму се паркираат над 2.000 возила, што доведува до хаотична ситуација и небезбедно паркирање по тротоарите и тревниците.
– Оваа состојба мора да се искорени. Со новото решение, дел од притисокот ќе се намали, а истовремено ќе се работи на трајно системско решение – истакна министерот.
Тој додаде дека соработката со „Лимак“ се гледа како чекор напред кон подобрување на условите околу една од најфреквентните здравствени установи во земјава додека се бара долгорочно решение за паркинг-проблемот.
Воедно, Алиу најави поставување интерактивни информативни табли во самиот Клинички центар, преку кои посетителите и пациентите ќе може во реално време да добиваат информации каде има слободни паркинг-места, како и каде точно се наоѓа одредена институција или служба.
Сепак, министерот додаде дека сѐ уште не постои методологија како да се обврзат вработените да го користат токму тој паркинг.
Пред пет дена, на брифингот што го имаше со новинарите, министерот Алиу информираше дека паркингот во кругот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ не е мапиран каде да се паркира кола, и тоа, како што кажа, е еден од првите чекори со кои се зафатил откако дошол на функцијата. Тој истакна дека ќе се почне од базични инфраструктурни чекори и активности за да се види колку точно паркинг-места има внатре и оти анализата што ќе се направи ќе покаже колку пациенти ги користат паркинг-местата, колку вработени има и оти потоа Министерството за здравство ќе излезе со краткорочно оптимално решение, додека долгорочното решение за паркингот ќе зависи од долгорочното решение за Клиничкиот центар.
Сега со паркингот во Клиничкиот центар стопанисува ЈП „Градски паркинг“.
На 11 март 2025 година, тогашниот министер за здравство, Арбен Таравари, рече дека со паркингот во Клиничкиот центар нема да стопанисува фирмата „Ѓока“ од Албанија, дека е поништен огласот и оти ќе се бара ново решение, откако јавноста беше против тоа.
„Призма“ на 6 март објави дека компанијата „Ѓока констракшн“ од Албанија ќе стопанисува со паркингот во Клиничкиот центар во Скопје. Поранешниот министер за здравство, Арбен Таравари, тогаш потврди за БИРН дека оваа албанска фирма со јавно-приватно партнерство ќе стопанисува со паркингот во наредните 20 години.
На огласот што беше распишан на 15 ноември се јавила само „Ѓока констракшн“, која е формирана во Тирана, во 1994 година, а од 2022 има регистрирано подружница во Скопје.
Потоа премиерот Христијан Мицкоски рече дека не се точни овие информации бидејќи не е склучен договор, а доколку е јавноста против фирмата „Ѓока“ да стопанисува со паркингот, нема да се склучи договор што и се случи.
(А. П.)