Од 1 јануари 2026 година, надоместокот за пренос се намалува за 2,67 проценти, за дистрибуција 3,64 проценти и за оператор на пазар за 3,4 проценти, соопштија од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Ова намалување ќе биде пресметано при определувањето на цената на електричната енергија на универзалниот снабдувач за домаќинствата и за малите потрошувачи. Тоа ќе влијае врз делот на цената што ја одредува РКЕ и таа ќе се намали за 1 до 1,2 отсто.
Како што изјави претседателот на Регулаторна, Марко Бислимоски, на енергетските компании им се признати трошоците за покривање на загубите на електрична енергија во мрежата, реализација на инвестиции и на други тековните трошоци.
– Сите елементи што ја сочинуваат крајната цена се познати, цената и количината по која е набавена електричната енергија, услугите на мрежните оператори, а затворени се и набавките за загуби. Сега останува универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“ под наш надзор да направи пресметка и да се објават финалните цени по блокови. Делот што го регулира РКЕ, во крајната цена има влијание од околу 37 отсто – изјави Бислимоски.
Тој појасни дека надоместокот за користење на електродистрибутивниот систем учествува во крајната цена со околу 33 отсто, додека надоместокот за користење на преносниот систем учествува со околу 4 отсто во крајната цена и цената на МЕМО е со незначително учество од околу 0,19 отсто во крајната цена. Вкупно влијанието на РКЕ во крајната цена е 37 отсто.
Како што појасни Бислимоски, при носењето на овие одлуки за пренос на електрична енергија преку факторот за корекција, одземени се 7,1 милион евра, кои ги остварила компанијата во 2024, повеќе од тоа што било одобрено од РКЕ, а во „Електродистрибуција“ се одземени 16,3 милиони евра. Тој очекува дека во текот на наредната недела „ЕВН Хоум“ да достави пресметки до Регулаторната, за кои ќе треба да провери дали е имплементиран тарифниот систем и ќе донесе одлука врз основа на тоа.
Ова намалување ќе влијае врз намалувањето на цената на струјата во делот што го регулира РКЕ, за 1 до 1,2 отсто.
„ЕВН Хоум“, во делот на снабдувањето, покрај количините што ги обезбедува од ЕСМ, според Законот за енергетика, исто така „ЕВН Хоум“ треба да откупи соодветен процент од повластените производители на електрична енергија. Тие, вообичаено, на годишно ниво се 250-260 милиони киловат-часови. Понатаму треба да се стави маржата на сите пресметковни елементи. Има многу фактори кои влијаат врз цената, кои ние не ги знаеме, особено во делот на повластените приходи, појасни претседателот на РКЕ.
Анализите на РКЕ за евтината тарифа се завршени и тие покажаа дека по 22:00 часот има екстремно високи цени на струјата и доколку се воведе дополнителен час во текот на денот, тогаш евтината тарифа нема да започнува во 22:00 часот, туку на полноќ.
(А. С.)












