Фудбалерите на Шкендија го претрпеа првиот пораз (0:1) сезонава, во квалификациите за пласман во Лигата на шампионите, и со тоа драстично си ги намалија шансите за влез во групната фаза од елитното друштво. На патот им попречи многу побогатиот тим на Карабах, кој демонстрираше сила и моќ на дуелот на националната арена „Тодор Проески“ и на крајот дојде до победата со голот на Бајрамов.
Сè се случи во 16. минута, кога при една акција на гостите, Вебстер непромислено реагираше и го фаулираше Андраде во шеснаесетникот. Прво, судијата Иван Кружлиак досуди фаул надвор од казнениот простор, но веднаш реагираа од ВАР и ја исправија грешката. Поточно, на оваа одлука на судијата реагираше првиот судија во ВАР, Словакот Михал Оченаш, кој му потенцираше на главниот судија дека фаулот е во забранетиот простор и дека треба да се стави топката на белата точка. Торал Бајрамов ја реализира најстрогата казна.
Во првиот дел, Карабаг имаше уште две добри шанси, а потоа два пати не реализираше најдобриот поединец во редовите на Шкендија, капитенот Бесарт Ибраими. Во второто полувреме, во главна улога беа голманите Геје и Кохалски, кои не дозволија промена на резултатот. Најдобрата шанса ја имаше Ибраими во 87. минута, лошо биеше од чиста позиција и Кохалски лесно го одбрани неговиот удар, а две минути подоцна, Геје брилијантно го одбрани ударот на Зубир.
- Ѝ благодарам на публиката и за амбиентот што го направи. Мислам дека ова беше меч на кој не смеевме да примиме таков гол, во една ситуација кога мораше да бидеме повнимателни. Да бидеме искрени, Карабах имаше добри шанси, но и ние исто така. Бевме подобри во вториот дел за разлика од првиот, но јас сакам и, покрај сè, да им честитам на играчите. Ќе се обидеме да ја најдеме грешката кај нас, затоа што сум одговорен. Ние ќе се обидеме со сите сили во Баку, затоа што, сепак, загубивме само со еден гол разлика, ништо не е готово. Ако одиграме перфектен меч, можеме да извлечеме добар резултат на гости – изјави предводникот на Шкендија, Јетон Беќири.
Реваншот е на програмата за седум дена, во Баку. Победникот од овој дуел ќе игра во плејофот со подобриот од Лудогорец или Ференцварош.
Инаку, ниту овој натпревар не мина без националистички испадни на трибините. Она што требаше да биде спектакл, се претвори во испраќање политички и националистички пораки. Навивачката група „Балисти“ го почна скандирањето со испраќање националистички пораки, кое потоа беше прифатено од најголемиот дел од гледачите на стадионот. Од трибините се испраќаа пораки за Илирида, повици за голема Албанија… Сега се на потег МВР и Обвинителството, кое реагираше пред неколку дена за недоличното националистичко скандирање на поединци на мечот меѓу Македонија и Романија во Куманово, во рамките на претквалификациите за СП во кошарка.