Очајнички се бараат преживеани по пожарот во Хонг Конг: Реновирањето на облакодерите контроверзно уште на стартот!

2
EPA/LEUNG MAN HEI

Најсмртоносниот пожар што го погодил Хонг Конг во последните шест децении животот го загубија најмалку 94 луѓе, а речиси 300 луѓе, сè уште се водат како исчезнати. На пожарникарите им беа потребни речиси 24 часа за да го локализираат пожарот што зафати седум облакодери, пишува БиБиСи.

Причината за пожарот сè уште не е официјално потврдена, но властите се сомневаат дека пожарот е поттикнат од реновирања со употреба на запаливи материјали и скелиња. Пожарот зафати седум од осумте згради во станбениот комплекс Ванг Фук Корт, изграден во 1983 година.

Тројца директори на градежната компанија беа уапсени поради небрежност. Полицијата вели дека скелето било покриено со мрежа и пластични плочи со слаб квалитет, а прозорците биле завиткани во лесно запалив стиропор.

Скапото и контроверзно реновирање од 42,2 милиони долари предизвика протести на жителите, но проектот продолжи. Баба Чан, долгогодишна жителка, вели дека била загрижена уште од почетокот на работата.

„Дали нешто ќе се случи ако останам дома?“ еднаш ја прашала својата ќерка. Овојпат повикот на нејзината ќерка од Јужна Кореја ја спасил бидејќи ѝ рекла веднаш да избега.

Ниту еден од жителите со кои разговараше Би-Би-Си не го слушнал противпожарниот аларм. Сите дознале за опасноста преку телефонски повици од семејството или соседите. Баба Ву, 82, играла маџонг со своите соседи кога нивните сопрузи се јавиле да ги предупредат за пожарот. На почетокот тие продолжиле да играат, мислејќи дека пожарот е далеку. Но, вториот повик бил клучен – пожарот стигнал до нивната зграда. Жените веднаш се качиле на лифт до приземјето. Иако безбедна, баба Ву одбила да оди кај својот син. „Живеам во овој стан 42 години. Морам да седам тука и да гледам. Моето срце ќе биде мирно само откако ќе се изгасне пожарот“, рекла таа.

Сега започнува нова битка за преживеаните. Многумина ги инвестирале своите животни заштеди во домови кои сега се уништени. Владата на Хонг Конг објави парична помош и фонд за помош од 300 милиони хонгконшки долари. Кајл Хо, 32, се преселил во комплексот со своите родители пред три години.

„Најлошото сценарио е да го изгубиме нашиот стан. Но, најважно е што сите сме безбедни. Имаме повеќе среќа од многу други семејства“, вели тој.

Во меѓувреме, потрагата по исчезнатите продолжува. Властите велат дека не се откажале од надежта дека ќе пронајдат преживеани.

ИЗДВОЕНИ