Обвинителството ќе ја обжали ослободителната пресуда за Ѓорчевски, одбраната најави жалби за доживотните казни

370

Обвинителството ќе ја обжали ослободителната пресуда за таткото на Вања Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски, додека одбраната на Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев и Љупчо Палевски, осудени на доживотен затвор за убиството на Вања и Панче, најавија жалби за осудителната пресуда. Обвинителството смета дека постојат докази за вината на Ѓорчевски, а за адвокатите на дел од осудените пресудата е донесена без докази.

Според обвинителката Жаклина Трајковска, изречените доживотни казни затвор за обвинетите се доказ дека правдата сепак излегува на површина.

– Изречените доживотни казни затвор за обвинетите се доказ дека ниту еден сторител не може да остане не откриен за сторување на вакви грозоморно кривични дела дека и покрај планираното до детали убиство и на Вања Ѓорчевска, и на Панче Жежовски обвинетите се откриени и ја добија заслужената казна затвор. Ова е доказ дека правдата сепак излегува на површина – рече таа по објавата на пресудата.

Обвинителката Ана Стојковиќ додаде дека системот правилно упатил порака дека вакви дејствија нема да се толерираат.

– Семејствата на жртвите секако не би биле задоволни со ниедна пресуда со оглед на тоа што го изгубиле. Меѓутоа, со оглед на фактот дека за четворица обвинети е изречена највисоката казна затвор што согласно македонското законодавство може да се изрече, сметам дека системот правилно упати порака дека вакви дејствија нема да се толерираат и ќе бидат најстрого казнувани – рече обвинителката.

Во однос на ослободителната пресуда за Александар Ѓорчевски, Стојковиќ рече дека ќе вложат жалба.

– Двајца обвинети дадоа исказ дека овој факт тие го дознале од таткото, не од никој друг, од таткото, од обвинетиот Александар Ѓорчевски преку Палевски. Да не знаеле дека детето дента по исклучок ќе оди само немало да има ниту грабнување. Обвинителството не можеше да помине преку овој факт. Сепак судот е највисока истанца, ние ќе си вложиме жалба, судот ќе си одлучи – дополни Стојковиќ.

Адвокатот Владимир Туфегџиќ, бранител на Ѓорчевски, ја поздрави ослободителната пресуда, но ја критикуваше истрагата.

– Денеска судот донесе законита одлука, меѓутоа оваа одлука е по своја суштина празна затоа што не ги добивме одговорите на клучните прашања – зошто е киднапирано и убиено ова дете, зошто по секоја цена се инсистираше Александар да биде дел од оваа постапка, иако од првиот момент се знаеше дека за него нема ниту еден доказ – рече Туфегчиќ.

Јовица Страшевски, бранител на обвинетиот Љупчо Палевски, изјави дека пресудата е донесена без ниту еден доказ и најави дека ќе вложат жалба.

– Пресудата не ја коментирам на судот. Меѓутоа наше видување е дека како што почна така заврши и овој циркус. Обвинителството без ниту еден доказ, Судот врз основа на напишаното во обвинителниот акт. Ниеден доказ нема, ниту разумен сомнеж. Денеска таткото доби по мене заслужена ослободителна пресуда бидејќи немаат докази, исто како и за мојот клиент – рече Страшевски.

ИЗДВОЕНИ